„Метју Пери беше среќен и здрав“ - Џенифер Анистон откри дека се допишувала со актерот дента кога починал
- Детали
- среда, 13 декември 2023
„Тоа утро се допишувавме со смешниот Мети. Не го болеше ништо. Немаше никакви проблеми. Беше среќен“ – Џенифер Анистон го даде своето прво интервју по смртта на нејзиниот колега Метју Пери, кој во една пригода призна дека бил вљубен во неа.
Во своите мемоари, актерот Метју Пери пишуваше дека долго време бил потајно вљубен во неговата колешка Џенифер Анистон и дека еднаш дури и ја поканил на состанок, но таа го одбила и од него побарала да останат само пријатели.
Сега, по неговата ненадејна смрт, актерката за првпат јавно призна дека тие двајца се допишувале дента пред да згасне неговиот живот.
Во интервју за Variety, Џенифер се потруди да нагласи дека нејзиниот поранешен колега бил среќен и задоволен утрото пред да почине.
Таа рече дека се надева оти јавноста ќе го помни Пери онака како што тој сакал да биде запаметен: како личност што имала добар живот и се трудела да им помогне на другите.
„Тој беше среќен. Беше здрав. Престана да пуши, вежбаше и почна да се враќа во форма. Беше среќен – само толку знам. Буквално тоа утро се допишувавме со смешниот Мети.
Не го болеше ништо. Немаше никакви проблеми.
Беше среќен. Сакам луѓето да знаат дека беше здрав и се трудеше да биде уште поздрав. Беше на мисија. Работеше напорно.
Навистина животот не му беше лесен. Ми недостасува многу. На сите ни недостасува. Леле, колку знаеше да нѐ насмее“ – вели Џенифер.
За потсетување, Метју Пери беше најден мртов во џакузи на 28-ми октомври, на возраст од 54 години. Според првичните наоди, причина за смрт е давење, но надлежните сѐ уште работат на дополнително утврдување на фактите.
Погледнете повеќе фотографии од Метју и Џенифер во галеријата:
Б. С. Б. | Црнобело