Почина Метју Пери, познат како Чендлер од „Friends“ – Татко му видно вознемирен, фановите се збогуваат
- Детали
- недела, 29 октомври 2023
Метју Пери кој го глумеше можеби најомилениот лик во серијата Friends – Чендлер – вчера беше пронајден мртов во неговиот дом. Според досегашните информации, актерот се удавил во неговото џакузи, но немало знаци на насилство, ниту дека бил под дејство на дрога или алкохол. Кратко по трагичниот настан, пред домот на актерот беа забележани неговите вознемирени родители.
Метју Пери, најпознат по улогата на Чендлер во популарната серија Friends, беше пронајден мртов во неговиот дом во Лос Анџелес.
Според Daily Mail, 54-годишниот актер се удавил во неговото џакузи. Притоа, немало никакви знаци на насилство или знаци дека бил под дејство на наркотици.
Актерот бил пронајден вчера (28.10) од неговата асистентка која повикала брза помош.
Неколку часа по трагичниот случај, пред домот на актерот беа забележани неговите родители кои се видно потресени.
За Daily Mail се огласи близок пријател на актерот кој вели дека периодов тој добро се справувал со зависноста.
„Сите сме во шок. Луѓето плачат по телефон и тешко им е да ги прифатат вестите. Не е тајна дека имаше проблеми со дрога и алкохол, но последниот пат кога зборував со него, изгледаше како да е добро. Беше расположен и звучеше трезно и позитивно.
Беше на рехабилитација 17 пати и речиси умре од опијати, но беше искрен за тоа дека се справува со животот и зависноста ден за ден.
Ова се трагични вести. Сите се молиме дека не им се вратил на пороците. Мет е прекрасна личност. Секогаш сакаше да помага. Тешко ни е да се помириме со овие ужасни вести“.
Во коментари на Инстаграм објавите на актерот, фановите се збогуваат со него, а некои сметаат дека преку последните фотки и видеа можеби суптилно барал помош бидејќи повторно им се вратил на пороците.
Сепак, ова се само шпекулации и засега се чекаат резултати од обдукцијата.
Актерот се појави во сите десет сезони од серијата Friends, a отворено зборуваше дека не се сеќава на барем три сезони поради проблемите со зависноста.
Во неговите мемоари, тој откри дека речиси го изгубил животот поради зависноста, но и дека по бројните неуспешни обиди за рехабилитација, конечно почнал да си го средува животот.
Прочитајте повеќе: Метју Пери со нови детали за зависноста: „Речиси умрев од предозирање, 2 недели бев во кома и ми направија 14 операции на стомакот“
Спирова С. | Црнобело