Шенон Доерти бара издршка од сопругот што ја изневеруваше: „Чека да умрам за да не ми плати“
- Детали
- вторник, 25 јуни 2024
Шенон Доерти откри дека ќе го изгуби здравственото осигурување бидејќи не е во можност да работи, а приходите од серијата Charmed драстично ѝ се намалиле. Актерката вели дека сопругот, пак, го одолговлекува разводот за да не ѝ ги даде парите кои ѝ следуваат според закон.
Среде битката со ракот, Шенон Доерти се разведува од сопругот Курт, а неодамна откри дека се соочува и со финансиски проблеми бидејќи не може да работи и не е воопшто активна во индустријата од 2022 година.
Актерката поднела барање за финансиска поддршка од бившиот сопруг, истакнувајќи дека сама не може да ги покрие трошоците.
Таа бара од него да ѝ плаќа околу 15.000 долари месечно, но и да ѝ помогне да ги покрие адвокатските трошоци за разводот.
Ова се пари кои наводно ѝ следуваат на Шенон според закон бидејќи сопругот Курт има повисоки приходи од неа, но и бидејќи таа му помогнала да си го развие бизнисот.
„Денес, скоро целата моја заработка е од проекти на коишто сум работела пред да стапам во брак.
Неодамна открив дека серијата Charmed (Волшебнички) нема да биде достапна на ниту една стриминг платформа по 30-ти јуни 2024 година.
Како резултат на ова, мојот иден приход драстично ќе се намали“, вели актерката во барањето.
Шенон истакнува дека ќе го изгуби и здравственото осигурување бидејќи поради болеста не може да работи, што значи дека трошоците за лекување ќе ѝ се зголемат.
„Иако приходите на Курт се значително поголеми од моите, тој нема исплатено никаква поддршка за мене и ми нема помогнато за трошоците за адвокат откако беше поднесено барање за развод.
Исто така, Курт одбива да открие колкави приходи имал во 2023 година“.
Шенон вели дека кариерата на Курт, кој е фотограф, тргнала во нагорна линија додека биле заедно:
„Знам колку вреди неговиот бизнис со фотографија бидејќи редовно се консултираше со мене и мојата помош беше бесценета“.
Шенон исто така вели дека додека Курт „троши ијладници долари на брендирана облека и скап накит, лаже дека нема пари за нејзиното лекување“.
Шенон додава и дека Курт ја чекал да умре за да не ѝ дава пари.
„Не е во ред што на Курт му се дозволува да го одложува разводот со надеж дека ќе умрам пред да треба да ми даде финансиска помош и да избега од одговорностите за сопругата која умира и со која беше во брак повеќе од 11 години“.
Потоа се огласи и адвокатката на Курт, која вели дека тврдењата на Шенон се лажни.
„Курт не чека Шенон да умре. Тој го сака најдоброто за неа и сака и двајцата можат да продолжат со нивните животи“.
Според адвокатката, на Шенон веќе ѝ била предложена спогодба уште минатата година, но таа одбила.
На ова, Шенон вели дека во спогодбата била заобиколена заработката на Курт додека биле во брак и било игнорирано нејзиното влијание врз успехот на бизнисот на фотографот.
Односно, ѝ била понудена многу мала сума пари.
Во новата епизода од нејзиниот подкаст, Шенон изјави дека изминатата година била најтешката во нејзиниот живот.
„Очигледно, разводот не е лесен, особено кога сте го сакале партнерот. А, јас го сакав мојот сопруг.
И, кога ќе бидете повредени од неговите постапки и се чувствувате предадено, навистина е тешко“.
Шенон откри дека наскоро ќе почне со уште еден циклус хемотерапија и вели дека е исплашена.
„Не знам колку долго ќе бидам на хемотерапија. Не знам дали ќе биде три месеци или шест или, по три месеци ќе ми речат дека не функционира, па ќе ја променат терапијата…
Ова не е нешто што можам да го предвидам. И, навистина е страшно.
Влегувам во непознатото – се чувствувам како цела година да сум се впуштала во непознатото, помеѓу разводот и ракот“.
Шенон вели и дека се случуваат многу други работи помеѓу неа и Курт, но моментално не се чувствува подготвено да ги сподели.
Прочитајте и: Шенон Доерти се подготвува за смртта: „Ги продавам сите материјални работи“
Спирова С. | Црнобело