Џими Кимел емотивен по третата операција на срце на 7-годишниот син: „Се надевам дека е последна“
- Детали
- вторник, 28 мај 2024
„Кога се роди син ни и дознавме дека има проблеми со срцето, ни беше страв да се зближиме со него бидејќи не знаевме дали ќе преживее“, има изјавено водителот Џими Кимел за синчето Били (7) на кое неодамна му беше направена трета операција на срцето.
Вoдителот Џими Кимел има четири деца – ќерките Кејт и Џејн и синовите Кевин и Били.
Најмал од сите е 7-годишниот Били кој има сериозни проблеми со здравјето и само три дена откако се родил, му била направена итна операција на срцето.
Кога наполнил седум месеци, му била направена уште една, а неодамна му била направена и третата операција.
Синот на водителот е роден со дефект на срцето, но водителот сака да биде оптимист и вели дека се надева дека ова ќе биде последната операција за Били.
Кимел ги сподели вестите за третата операција на неговиот Инстаграм профил, со фотка од Били во болнички кревет.
„Викендов, на нашиот Били му беше направена третата (се надевам последна) операција на отворено срце. Го поминавме ова искуство со многу оптимизам и исто толку страв…
Уште еднаш, докторите на Били и болничарите покажаа неизмерлива добрина и експертиза.
Шетањето низ болницата, средбите со родители кои се чувствуваат ранливо, децата во болка и чудотворците кои прават сè за да ги спасат е понизно искуство…
Им благодарам на сите непознати луѓе кои се молеа за нашето дете и праќаа позитивна енергија. Им благодарам на семејство и пријателите кои беа тука за нас.
Ѝ благодарам на сопругата Моли за тоа што е посилна од која било мајка. И, Били, ти си најсилното (и најзабавното) 7-годишно дете што го знаеме.
Има многу родители и деца кои немаат среќа да си одат од болницата по само пет дена…
Со многу љубов и благодарност, Џими“.
Водителот отсекогаш бил отворен за здравствените проблеми на Били, а соработува и со организации чија цел се истражувања и финансиска помош на деца со проблеми со срцето.
Кратко откако се роди Били, водителот откри со каков проблем се соочува синчето:
„Го крстивме Били. Изгледаше како секое нормално и здраво бебе. Но, неколку часа подоцна дознавме дека има проблем со срцето.
Неговата пулмонална артерија беше целосно блокирана и имаше дупка помеѓу левата и десната страна на срцето“, изјави водителот во 2017-та во неговото шоу.
И покрај емотивниот монолог, во негов стил, водителот успеа и да се пошегува на своја сметка:
„Жал ми е за него. Не само што има проблеми со срцето, туку го наследи и мојот изглед“.
Првата операција поминала добро и Били бил пуштен од болница шест дена по раѓањето.
Седум месеци подоцна, Били се појави во шоуто на татко му, кратко по втората операција.
„Били е одлично. Имаше уште една операција – пред една недела.
Лекарите ни рекоа дека ќе биде добро и можеби ќе освои и бронзен медал на Олимписките игри во 2036-та“, се пошегува водителот.
Сепак, и покрај успешните операции и добрата медицинска нега, Џими откри дека првата година од животот на Били им била особено тешка со сопругата.
„Криевме работи еден од друг што си ги кажавме дури по втората операција.
Мислам дека најголемата тајна што ја чувавме и двајцата е тоа што потсвесно, не сакавме да се поврземе со бебето бидејќи не бевме сигурни што ќе се случи“, откри водителот во интервју со Опра Винфри.
Спирова С. | Црнобело