Кои биле четирите сопруги на Јосип Броз Тито?
- Детали
- недела, 19 мај 2024
Покрај добро познатата Јованка Броз која последните години од животот ги поминала во сиромаштија, Тито имал три поранешни сопруги. Со две од сопругите, тој добил и деца.
Она што јавноста го знае е дека Јосип Броз Тито бил голем заводник.
Го сакале многу жени, имал неколку љубовници, се женел четирипати, а со две од сопругите имал и деца.
Тито сакал помлади жени, па не е ни чудно што секоја од оние со кои бил во љубов, биле значително помлади од него.
Кои биле сопругите на Тито?
Пелагија Денисова Белоусова
Русинката Пелагија Денисова Белоусова – Полка била првата сопруга на Јосип Броз Тито со која се оженил кога имала само 16 години и била во поодмината бременост.
Се венчале во Сибир во јуни 1919 година. Тие дошле во Југославија во 1920 година и таму живееле до 1928 година.
Заедно имале четири деца, но за жал три од нив починале - преживеало само четвртото, синот Жарко.
Таа подоцна се премажила и во тој брак ја добила ќерката Нина.
Пелагија починала на 12 април 1968 година.
фото: Википедија
Лусија Бауер
Лусија Бауер е втората сопруга на Тито, а нејзино вистинско име е Ана Кенинг. Се запознале во Москва каде работела во Коминтерната.
Се венчале во октомври 1936 година, но под нивните тајни имиња Фридрих Валтер и Елса Лусија Бауер.
Интересно е тоа што откако Тито бил испратен во Југославија, таа останала во Москва каде се грижела за неговиот син Жарко.
Била уапсена во 1937 година, обвинета дека работела како шпион за Гестапо, а потоа била застрелана.
Херта Хас
Во 1937 година во Париз Тито ја сретнал Херта Хас, која работела како курир и разменувала партиска пошта меѓу Париз и Загреб од центарот за регрутирање на шпански волонтери.
Врската ја започнале две години подоцна, откако повторно се сретнале во Истанбул и започнале заеднички живот под нови имиња во Загреб, таа била Марија Шариќ, а тој инженер Славко Бабиќ.
Врската на Тито и Херта траела до почетокот на Втората светска војна, кога Тито го напуштил Загреб и се преселил во Белград.
По неговото заминување Херта останала во Загреб, каде набрзо го родила синот Александар Миша.
Во 1943 година таа повторно се обидела да стапи во контакт со Тито, но тој започнал врска со Даворјанка Пауновиќ која му била лична секретарка.
Кон крајот на Втората светска војна се разболела од туберкулоза, а таа била единствената жена за која Тито наредил да биде погребана во неговата резиденција.
Починала на 1 мај 1946 година.
фото: Википедија
Јованка Броз
А, за љубовта на Јованка и Тито можеби и најмногу се знае бидејќи има најголем број написи.
Се запознале во 1944 година во Дрвар, а подоцна таа станала секретарка и љубовница на Тито.
Јованка била жената на која слепо и верувал. Според поранешниот Генерал на ЈНА, таа била назначена од Тито како дел од персоналот кој ја проверувал неговата храна и целокупната чистота, со цел спречување на болести.
Нивната венчавка била тајна и не се знае точниот датум. Некаде е запишано дека Јованка и Тито стапиле во брак во 1951 година, но постојат и други записи каде се вели дека се венчале во април 1952.
Од моментот кога раскинала со Тито, до неговата смрт во 1980 година, таа живеела во вила на Ужичка 15, по што била преместена во вилата спроти Белата палата.
Јованка Броз долго време живеела во „куќен притвор“, а дури во 2009 година добила лични документи.
Почина на 20 октомври 2013 година во Белград во беда и сиромаштија.
В. К. | Црнобело