Се откажала од кариерата како модел, побегнала во САД откако картелите го убиле брат ѝ – помалку познати факти за Софија Вергара
- Детали
- вторник, 06 февруари 2024
Татко ѝ имал ранч со фарма, а затоа што биле финансиски добро ситуирани, постојано биле во ризик дека ќе бидат киднапирани за откуп од нарко картелите. Како личната трагедија на Софија Вергара ќе ја натера да побегне од Колумбија?
Софија Вергара деновиве е во фокусот на јавноста откако маестрално го одигра ликот на нарко-шефицата Гризелда Бланко во хит серијата Griselda.
За животот на Софија се знае доста, но улогата на Гризелда се чини дека ја натера актерката повеќе да се отвори за оној период кога живеела во Колумбија и да открие што е она што ја натерало да побегне во САД, за да ги спаси синот Маноло, мајка ѝ и сестра ѝ.
Во продолжение неколку помалку познати факти за Софија Вергара, пред да се пресели во САД и да стане една од најпрепознатливите актерки во светот:
Софија била родена во Баранкила, Колумбија во 1972-ра година, како едно од петте деца и израснала во хармонично, католичко семејство.
Мајка ѝ била домаќинка, додека татко ѝ имал ранч со стока. Се верува дека заработката од ранчот била толку солидна, што Софија можела да оди во приватно шпанско-англиско училиште.
Во 70-тите и 80-тите години со подемот на картелите и наркобосовите, животот во Колумбија станал мошне опасен. Иако семејството на Софија немало финансиски проблеми, тие станале потенцијална мета на киднапери за откуп.
Таа откри дека нејзиниот брат бил мета на картелите во Колумбија, кои заземале замав во речиси секој аспект од животот во Колумбија.
Во една пригода, Софија појасни дека нејзиниот брат постојано одел со телохранители затоа што знаел дека постои опасност да биде жртва, но еден ден одлучил да излезе сам и бил застрелан, во обид за киднапирање.
„Ако бевте архитект, кој ви ги купуваше становите што ги проектирате? Ако имавте продавница за автомобили, кој ги купуваше автомобилите? Се знае, наркобосовите, а сите знаевме кои се тие.
Секој аспект од животот беше поврзан со нив. Мојот брат беше фино момче, но донесе погрешна одлука и за жал плати за тоа. Сите плативме за тоа“ – појасни Софија.
По смртта на првиот, вториот брат станал алкохоличар, а потоа и зависник од опојни супстанци.
„Не знам ниту една приказна на дилер на дроги кој имал среќен крај. На крај тие завршуваат во затвор, или се мртви, или се во бегство и не можат да видат никого од семејството кое е уништено“.
Оваа семејна трагедија во голема мера ќе го трасира понатаму патот по којшто ќе почне да чекори актерката. Таа прво не сакала да работи како модел заради верата, но по убедување на мајка ѝ, се појавила во реклама на возраст од 18 години.
Таа се омажила на 18 години и една година подоцна го добила синот Маноло, па верувала дека никогаш повеќе нема да се врати на кариерата како модел, но по разводот работите ќе се променат.
Софија со синот побегнала да живее во Богота, во надеж дека благодарение на големината на градот, полесно ќе ги избегне нарко-картелите, а набрзо потоа добила понуда да глуми и во ТВ сапуница.
Откако брзо потоа добила понуда да биде водителка на патувачка емисија во 1994-та година и да се пресели во Мајами, Софија прифатила без размислување.
Ова била одлична можност за неа да успее да ги повлече мајка ѝ и сестра ѝ и да му обезбеди подобра иднина на синот Маноло. Сепак, на Софија ѝ требале 20 години за да добие американско државјанство.
Б. С. Б. | Црнобело