Актерот од оскаровскиот „Parasite“ е пронајден мртов: Извршил самоубиство додека бил под истрага за дрога
- Детали
- среда, 27 декември 2023
Ли Сун-кјун, кој ја имаше една од главните улоги во Parasite, вчера (26.12) бил пронајден мртов. Актерот извршил самоубиство додека бил под истрага за користење дрога. До последно, тој тврдел дека жената што го пријавила всушност го уценувала и му барала пари.
Корејскиот актер Ли Сун-кјун, најпознат по улогата во оскаровскиот Parasite, е пронајден мртов на 48-годишна возраст.
Според Daily Mail, актерот бил пронајден во неговиот автомобил во средата (26.12), на паркинг во Сеул.
Сопругата на актерот била таа што повикала полиција, откако нашла порака од него која алудирала на тоа дека ќе изврши самоубиство.
Наводно, периодов Ли Сун-кјун бил под истрага за поседување дрога. Тој трипати бил однесен во полициска станица за испрашување, а бидејќи е мошне популарен во Јужна Кореја, инцидентот брзо се прославил во јавноста.
Актерот последен пат бил однесен во полиција на 23-ти декември, по што неговиот адвокат изјавил дека истрагата ќе продолжи да се води приватно, земајќи ја предвид неговата популарност.
Актерот бил обвинет од хостеса во елитен бар која тврдела дека тој користел марихуана и кетамин.
Тој, пак, го негирал ова, а неговата изјава била потврдена и од токсикологија. Актерот тврдел дека хостесата го уценувала и побарал истрага за тоа.
Според него, хостесата била таа која му подметнала дрога за да го уценува.
„Сакам искрено да се извинам што загрижив толку многу луѓе. Сите прашања ќе ги одговорам искрено. Хостесата ме измами за да употребам дрога.
Јас не знаев дека тоа што ми го дава е всушност нелегална дрога“, изјавил Ли на испрашување на 28-ми октомври.
Како повеќето држави во Азија, законите против употреба на дрога се многу строги во Јужна Кореја.
Според Daily Mail, оние кои купуваат или продаваат марихуана можат да добијат до една година затвор. Оние, пак, кои ја консумираат, можат да добијат пет години во затвор или парична казна од околу 38.000 долари.
Според изјавите на Ли, тој ја сретнал хостесата четирипати и вели дека му барала 270.000 долари за да не го пријави во полиција.
На испрашувањата Ли кажал дека мислел дека хостесата му дала искршено апче за спиење, додека таа вели дека тој користел кетамин.
Последното испрашување траело дури 19 часа, по што адвокатот на Ли изјавил дека тоа ќе биде и последно испрашување.
Три дена подоцна, тој е пронајден мртов. Според досегашните информации, актерот извршил самоубиство така што се задушил во неговиот автомобил.
За потсетување, Ли го глумеше таткото во богатото семејство во филмот Parasite кој во 2020-та освои Оскар за најдобар филм.
Тој се има појавено и во бројни други корејски филмови, но и неколку серии и во родната Јужна Кореја беше вистинска ѕвезда.
Во брак е од 2009 година, а со сопругата доби две деца.
Засега не е познато што пишувало во пораката што ја нашла неговата сопруга.
Спирова С. | Црнобело