Шенон Доерти за разводот со сопругот: „Пред да одам на операција на мозокот, дознав дека тој 2 години имал афера“
- Детали
- четврток, 07 декември 2023
„Не можев да одам на операција со него покрај мене. Се чувствував изневерено“ – Шенон Доерти раскажа како нејзиниот поранешен сопруг сакал да биде со неа за време на операцијата на отстранување на туморот од мозокот, но таа не му дозволила. Како што вели, за аферата дознала непосредно пред да оди на операција.
Актерката Шенон Доерти (54) неодамна откри дека ракот ѝ се проширил на коските, но дека не престанува да се бори и дека има огромна волја за живот, а деновиве се осврна и на уште едно случување од минатата година – разводот со сопругот Курт Исвариенко со кого беше во брак 11 години, а врската ја започнаа пред 14 години.
За време на првата епизода од нејзиниот нов подкаст „Let’s Be Clear“, Шенон Доерти зборуваше за најтешкиот период од нејзиниот живот – подготовките за операција на туморот на мозокот и разводот со сопругот.
Како што вели, веднаш откако дознала дека сопругот ја изневерува, заминала на операција каде требало да ѝ биде отстранет туморот.
„Заминав рано наутро на операција и тоа се случи откако дознав дека мојот брак е готов, дека мојот сопруг имал афера две години“ – вели Шенон.
Нагласува дека и покрај сѐ, тој сакал да оди со неа на операцијата, но таа не му дозволила.
„Не можев да одам на операција со него покрај мене. Се чувствував изневерено“ – појаснува актерката.
„На крајот на денот, се чувствував дека личноста со која бев 14 години, којашто ја сакав со сето срце, воопшто не ме сака“.
Како што вели, операцијата на мозокот била најстрашното нешто низ кое поминала и постојано стравувала дека ќе умре, а тоа што дознала за неверството нa сопругот само направило целото искуство да биде пострашно.
„Замислете како е да се помине низ сето тоа, додека се обидувате да дознаете дали ќе добиете развод и да ја дознаете вистината“ – вели таа и додава дека по првичните сомнежи, станала опседната со тоа да дознае дали навистина сопругот ја изневерува.
Таа нагласува дека сметала оти сопругот ѝ е најдобриот пријател на светот, па заради тоа долго размислувала дали да стави крај на бракот, но на крај не можела да му прости за неверството.
Прочитајте и Тврди дека нејзината болест му го уништила сексуалниот живот, имал афера со менаџерката – Детали за разводот на Шенон Доерти со третиот сопруг
Б. С. Б. | Црнобело