„Преплашена сум“: Шенон Доерти објави емотивно видео снимено пред операцијата поради рак на мозокот
- Детали
- четврток, 15 јуни 2023
Шенон Доерти сподели емотивно видео снимено мигови пред да ѝ направат операција за отстранување на туморот од мозокот. Актерката истакнува дека иако можеби не изгледа така, таа е преплашена од исходот и дека во тој миг не била сигурна ни дали ќе излезе од операционата сала.
По потресните видеа од зрачењето, Шенон Доерти, која е отворена за битката со ракот, сподели видео направено мигови пред операцијата на главата.
По битката со ракот на дојката, актерката откри дека има и рак на мозокот.
Сега Шенон сподели и видео направено моменти пред да ѝ ја направат операцијата за отстранување на туморот.
И видеото со зрачењето и видеото пред операцијата се снимени во јануари, но Шенон ги споделува дури сега, со надеж дека ќе ја зголеми свесноста за болеста.
Во видеото, актерката е во болнички кревет и разговара со медицинско лице за операцијата. Во еден миг, Шенон дури пробува и да се шегува, но нејзиниот страв сепак е очигледен.
„16 јануари, 2023-та. Операција. Имав тумор во главата кој сакаа да го отстранат, како и да направат биопсија. Очигледно пробувам да бидам храбра, но преплашена сум. Стравот ме преплавуваше.
Се плашев од сите можни исходи, се грижев дека ќе ја напуштам мајка ми и за тоа како ова ќе влијае врз неа. Се грижев дека од операционата ќе излезе друга личност, а не јас. Еве како може да изгледа ракот“, стои во описот на видеото што можете да го погледнете ТУКА.
Во коментари, ѕвездата од Charmed добива огромна поддршка од фановите:
„Ти благодарам што си транспарентна. Јас сум на твоја возраст со рак на белите дробови. Ми помага кога ќе видам дека и други имаат слични битки“.
„Драго ми е што одлучи да го споделиш ова. Сите секогаш ни велат дека сме борци и тоа е точно, но во реалноста немаме друг избор. Мораме да го правиме она што мораме да го правиме. Ти си вистинска инспирација бидејќи покажуваш што навистина се случува кога имаш рак. Ти благодарам!“
„Имам рак на дојката и не е лесно. Ти благодарам што го споделуваш твоето искуство со сите нас и што ја прикажуваш реалноста на ракот. Се надевам дека третманот ќе ти биде ефикасен долго време“.
Претходно Шенон сподели дека го открила ракот на 5-ти јануари, а првата терапија со радијација ја примила на 12-ти јануари.
За потсетување, Шенон првпат беше дијагностицирана со рак на дојката во 2015-та, а во 2017-та ја победи болеста. За жал, во 2020-та ракот повторно се вратил, а сега е проширен и на мозокот.
Во меѓувреме, таа се разведе од сопругот по 11 години брак. Наводно, причината била афера.
Прочитајте и: „Мојот страв е очигледен“ – Шенон Доерти објави потресни видеа од зрачењето
Спирова С. | Црнобело