На 15 години била силувана, откако мајка ѝ ја продала, го изневерила првиот сопруг ноќта пред свадбата - Факти за Деми Мур
- Детали
- сабота, 03 јуни 2023
Пораснала во семејство на алкохоличари, вели дека била силувана на само 15 години, откако мајка ѝ ја продала за 500 долари, двапати била на рехабилитација за зависности од опојни супстанции и алкохол, а малкумина го знаат нејзиното вистинско име – помалку познати факти за Деми Мур.
Деми Мур е врвна актерка, која покрај по своите филмски остварувања, позната е и по бракот со Брус Вилис, но и со 15 години помладиот Ештон Кучер.
Благодарение на извонредниот актерски талент и подготвеноста да ги прифати улогите што своевремено се сметаа за „скандалозни“ успеа да заработи милиони и да стане една од најплатените холивудски актерки, но животната приказна на Деми Мур може да послужи за филмско сценарио што сите ќе ги остави со подзината уста.
За разлика од голем број други актери што го чуваат приватниот живот во тајност, Деми Мур отворено зборува за своите два славни брака, за борбата со пороците и со нарушувањата во исхраната, но откри и дека немала воопшто лесно детство.
Повеќе интересни факти за актерката што сигурно не сте ги знаеле:
Актерката е родена во 1962-ра година како Димитрија Гајнс, а нејзиниот татко Чарлс Фостер Хармон Сениор ја напуштил мајка ѝ Беверли, пред актерката да се роди.
Деми го добила презимето од нејзиниот очув Дени Гајнс, кој извршил самоубиство во 1980-та година, 2 години по разделбата со мајка ѝ на Деми.
Во своите мемоари Деми доста пишува за односот со мајка ѝ, која била алкохоличар и која имала неколку обиди за самоубиство.
Освен мајка ѝ, проблеми со алкохолизмот имал и нејзиниот очув, а тоа што доцна дознала дека тој не ѝ е биолошки татко, ја натерало да почне да верува дека „никој не ја сака“ и дека не заслужува да биде тука.
Првиот пат, кога актерката имала само 12 години, ја нашла мајка ѝ која претходно посегнала по сопствениот живот така што се обидела да проголта повеќе таблети и вели дека во тој миг нејзиното детство завршило.
„Се сеќавам како со моите мали детски прсти ги вадев таблетите што мајка ми се обидела да ги проголта од нејзината уста“ – раскажува Деми.
Кога имала само 15 години Деми била силувана, а и овојпат наводно, мајка ѝ одиграла голема улога, затоа што мажот што ја силувал ја прашал: „Какво е чувството мајка ти да те продаде за 500 долари?“
Деми вели дека не верувала дека човекот навистина ѝ платил на мајка ѝ, но верува дека таа му помогнала за да може да ја повреди.
Додека сѐ уште била во средно образование (што никогаш не го завршила), Деми почнала да работи како модел.
Од една пријателка дознала дека познава фотограф што слика разголени фотографии и ги продава на списанија во Јапонија – таа излажала дека е полнолетна и така почнала да ги заработува првите пари.
Деми за првпат стапила во брак на возраст од само 18 години со музичарот Фреди Мур. Интересно е што неговото презиме го користи и ден-денес како дел од уметничкото име, а признава дека го изневерила ноќта пред да застане пред олтар со него.
„Ноќта пред да стапиме во брак, наместо да пишувам завети, му се јавив на еден маж кој го запознав на снимање. Се искрадов од сопствената моминска забава и отидов во неговиот стан“ – пишува Деми и открива дека подоцна сфатила дека првиот пат се омажила за да ја потисне тагата по смртта на нејзиниот татко.