Бисерниот фустан на Ким Кардашијан се распадна: „Ќерка ми ги собираше бисерите што паѓаа уште додека одев на Мет Гала“ (фото)
- Детали
- среда, 03 мај 2023
„Имав проблеми со аутфитот во текот на целиот ден. Уште кога излегував од хотелот почнаа да паѓаат бисери, па ѝ реков на ќерка ми, Норт да ги собере“ – открива Ким Кардашијан за фустанот што го носеше на Мет Гала. Но, од папарацо фотографите се гледа дека скапата тоалета на крај се распаднала.
Ким Кардашијан на овогодинешната Мет Гала, што се одржа во понеделникот (01.05), носеше фустан изработен со 50.000 бисери и повторно успеа да го привлече вниманието кај сите присутни.
Но, како што може да се види од папарацо фотографиите, на крајот, луксузната тоалета почнала да се распаѓа.
Page Six објави фотографии од Ким како се враќа во хотелот по Мет Галата, а на нив се гледа дека дел од бисерните ѓердани на фустанот се скинале, па бисерите почнале да паѓаат на асфалтот.
Иако на црвениот тепих изгледаше беспрекорно, ријалити ѕвездата призна дека во текот на целиот ден имала проблеми со аутфитот.
„Дел од бисерите почнаа да паѓаат уште кога одев кон галата. Ѝ реков на ќерка ми Норт да ги собере. Тоа се вистински бисери, а Норт ги собираше во својата чанта“ – рече Ким за Vogue.
Ким откри дека биле потребни околу 1.000 часа за да се креира фустанот, затоа што секој бисерен ѓердан бил рачно изработен и пришиен на нејзиното тело.
Инаку, аутфитот на Ким според многумина наликуваше на нејзиното издание во кое таа се фотографираше за магазинот „Плејбој“, а на прашањето за тоа од каде ја добила инспирацијата за стајлингот, Ким рече:
„Што друго повеќе ве потсеќа на Карл? Веднаш помислив на препознатливите Chanel бисери и сакав да бидам прекриена со бисери“ – рече таа.
Инаку, ова не е првпат Ким Кардашијан да има проблеми со аутфитот што го носела на Мет Гала. Минатата година таа беше обвинета дека го уништила фустанот на Мерилин Монро, иако музејот Ripley Belive It or Not!, кој е негов сопственик, веднаш ги отфрли тврдењата дека најскапиот фустан на светот бил оштетен.
Б. С. Б. | Црнобело