Ги чисти свеќите од вишокот восок, светлата дома ги гаси по точен редослед – Дејвид Бекам раскажа за опсесивно компулсивното пореметување
- Детали
- петок, 28 април 2023
„Чистам толку многу, што мислам дека мојата сопруга веќе не е среќна. Кога сите ќе си легнат, јас почнувам да шетам низ куќата, ги гасам светлата по точен редослед и ако е сè чисто, си легнувам. Секоја вечер пред спиење го вадам и вишокот восок што тече од свеќите и секогаш го чистам стаклото од свеќниците, бидејќи чадот на свеќата ги поцрнува... знам, чудно е“ - вака Дејвид Бекам раскажува за своето опсесивно компусливно пореметување (OCD) во документарниот филм на „Нетфликс“ кој ќе има премиера во текот на 2023 година.
Еден од најдобрите светски фудбалери, Дејвид Бекам (47) пред неколку години откри дека се бори со опсесивно компулсивно пореметување (OCD) и дека во нивниот дом, но и каде и да оди, сè мора да е под права линија за тој да може да престојува во некоја просторија или да заспие.
На „Нетфликс“ наскоро ќе почне да се прикажува документарниот филм за поранешниот британски фудбалер, а тука Бекам искрено зборува за својата состојба и за секојдневните предизвици со кои се соочува, пренесе „Daily Mail“.
Бекам признава дека поради својата состојба тој секој ден ги чисти свеќите од восокот што тече по нив, а дека во една прилика ѝ се развикал на Викторија затоа што го оставила соларникот на маса.
„Чистам толку многу, што мислам дека мојата сопруга веќе не е среќна. Кога сите ќе си легнат, јас почнувам да шетам низ куќата, ги гасам светлата по точен редослед и ако е сè чисто, си легнувам“, вели Бекам.
Тој открива дека мрази да гледа неред кога ќе стане наутро, но дека не може да поднесе и ако има искапен восок на свеќите.
„Не можам да замислам да слезам долу и да видам расфрлани чаши, чинии... Пред легнување го вадам и вишокот восок што тече од свеќите и секогаш го чистам стаклото од свеќниците бидејќи чадот на свеќата ги поцрнува... знам, чудно е“, додава Дејвид.
Не е првпат Бекам да зборува за своето опсесивно компулсивно пореметување. Низ годините тој неколкупати раскажуваше со какви предизвици се соочува секојдневно.
Во нивниот дом има три фрижидери – првиот е за пијалаци, вториот за храна, а третиот е за салати. Сè во фрижидерите мора да е наредено во права линија и да биде во парен број.
„На пример, ако земам лименка со пијалак и одеднаш се во непарен број, или мора да најдам уште една која ќе стои покрај лименката што останала или ќе ја фрлам“ – вели тој.
Дејвид не може да заспие во хотел ако сè не е под конец.
„Кога ќе влезам во хотелска соба, прво ги тргам сите книги, ливчиња и памфлети што се оставени низ собата – ги ставам во фиока за да не ги гледам. Сум се обидел да престанам, но не можам“.
Во една прилика фудбалерот призна и дека неговите соиграчи во Манчестер Јунајтед знаеле за оваа негова состојба, па понекогаш му ги преместувале дресовите и патиките само за да го нервираат.
А. Ј. | Црнобело