Провалил во туѓ дом без облека под дејство на дрога, 2 пати беше во затвор – Мрачното минато на Роберт Дауни Џуниор
- Детали
- сабота, 15 април 2023
Поради зависноста од дрога, Роберт Дауни Џуниор беше уапсен безбројпати, двапати беше во затвор и раскина со Сара Џесика Паркер по 7 години врска. Денес тој е „чист“ и еден од најплатените актери во светот, а неговата мрачна (но инспиративна) приказна е доказ дека секогаш има надеж за подобро утре.
Денес Роберт Дауни Џуниор е еден од најпознатите холивудски ѕвезди.
Истовремено, тој е и еден од најплатените актери и годишно заработува над 60 милиони долари само од неговите улоги.
Актерот стана светски познат со улогата која е и најпрепознатлива за него – суперхеројот Iron Man во филмовите на Marvel.
Сепак, Роберт Дауни Џуниор има мрачно минато – беше зависен од дрога, беше уапсен неколкупати, а двапати служеше и казна затвор.
Неколку детали за мрачниот период од животот на актерот, но и како успеа повторно да застане на нозе:
Имал проблематично детство
Самиот актер саркастично има изјавено дека имал „интересно детство“.
И мајка му и татко му имале проблеми со зависност од дрога и алкохол, а се развеле кога актерот имал 13 години.
Бидејќи и двајцата работеле во забавната индустрија, често патувале и оделе на луди забави, а и самиот актер бил изложен на тоа.
Поради татко му, пак, Роберт првпат пробал марихуана на само 6-годишна возраст.
„Му подадов џоинт. И, одеднаш сфатив дека направив ужасна, глупава грешка… Му дадов марихуана на мало дете само за да бидам смешен“, призна татко му во интервју за The Guardian.
Подоцна актерот откри дека со татко му честопати заедно користеле наркотици:
„Сето тоа ми изгледаше како да пробува да ја искаже љубовта кон мене на единствениот начин што го знае“.
Улогата на зависник од дрога му ја влоши зависноста
Во 1987 година, Роберт Дауни Џуниор ја доби улогата што му помогна да се пробие во Холивуд.
Станува збор за филмот Less Than Zero, во кој тој глуми зависник од дрога.
Но, колку што улогата му помогнала за кариерата, толку му го уништила приватниот живот.
Тогаш 22-годиниот Роберт веќе имал проблеми со зависност, кои само се влошиле поради улогата.
„До тој филм, користев дрога само после работа и за време на викенди. Некогаш можеби бев мамурен на сет, но не повеќе од некој каскадер.
Но, ликот во филмот беше како преувеличена верзија од мене. Потоа ситуацијата се смени – јас станав преувеличена верзија од ликот“, изјави актерот во интервју за The Guardian.
По ова, на актерот му беа потребни цели 15 години за да се ослободи од пороците.
Поради зависноста, раскина со Сара Џесика Паркер
Малкумина се сеќаваат дека Роберт Дауни Џуниор и Сара Џесика Паркер беа пар.
Тие се запознаа на сетот на филмот Firstborn во 1984 година, во период кога и двајцата пробуваа да се пробијат во филмската индустрија.
Имаа по едвај 19 години, а само два месеца по првиот состанок, почнаа да живеат заедно. Раскинаа по седум години.
Откако се разделија, Роберт призна дека неговата зависност била можеби најголемиот проблем во нивната врска, заедно со фактот дека на таа возраст биле „недоволно зрели“.
„Сакав да пијам и имав проблеми со дрога, а тоа не ѝ се допаѓаше на Сара бидејќи е потполно поразлично од неа.
Таа ми даде дом и ми покажуваше разбирање. Пробуваше да ми помогне. Беше гневна бидејќи не се средив“.
Во 2018-та, и Сара прозборе за врската:
„Најголем дел од времето се грижев дали Роберт е во ред. Во еден момент, собрав храброст да му речам ’Ќе си одам и само ќе се молам дека нема да умреш‘“.
Поради зависноста, имаше бројни судири со законот
Роберт Дауни Џуниор првпат беше уапсен во 1996 година бидејќи возел многу брзо, и тоа под дејство на алкохол, хероин и кокаин. Во автомобилот имал и оружје.
Набрзо беше ослободен со кауција, а веќе следниот месец повторно се судри со законот.
Актерот бил пронајден без свест и под дејство на дрога, само во својата долна облека. Најбизарно е што бил најден во креветчето на синот на негов сосед.
За среќа, соседот одлучил да не го тужи, но актерот сепак доби судска наредба да оди на рехабилитација.
Два дена по хоспитализацијата, Роберт побегнал од центарот за рехабилитација и се скрил кај пријател.
Бил фатен неколку часа подоцна, по што беше испратен во друг центар за рехабилитација.