Северина со мајка ѝ, Бекамови со семејството на снаата – Како светските и регионалните ѕвезди го поминаа Велигден? (фото)
- Детали
- понеделник, 10 април 2023
Маја Шупут на масата сервира златна пршута, а Северина се крши со јајца со мајка ѝ. Во кралското семејство во Британија, најмногу внимание привлече малиот принц Луи кој на велигденската миса се појави во костум и кратки пантолони. Како славните го поминаа Велигден?
Во друштво на семејството и најблиските, припадниците на католичката вероисповест изминатиот викенд (08-09 април) го прославија најголемиот христијански празник.
Со фотографии од патувања, од семејните трпези, или од миса, познатите ѕвезди им го честитаа празникот на своите следбеници.
Годинава во кралското семејство во Велика Британија, најголемо внимание привлече малиот принц Луи (4), кој за првпат се појави на Велигденската миса заедно со останатите членови на неговото семејство, а во таа прилика носеше блејзер, вратоврска и кратки сини панталони.
Луи беше модно усогласен со неговата мајка Кејт Мидлтон, која на себе носеше син капут и сина шапка.
Инаку, ова е прва Велигденска миса на кралското семејство по смртта на кралицата Елизабета, а со оглед дека беше прва за малиот принц Луи, сите со нетрпение очекуваа да видат дали и овојпат тој повторно ќе го украде вниманието со својот темперамент и смешните изрази на лицето по кои е препознатлив.
Дејвид и Викторија Бекам, годинава велигденските празници ги прославија заедно со семејството на нивната снаа Никола Пелц Бекам. Освен што славеа Велигден, двете семејства одбележаа една година од свадбата на Бруклин и Никола.
Тие се фотографираа со торта направена од картон на која беа залепени голем број заеднички фотографии од младенците.
Велигден славеа и католиците во Хрватска, па дел од познатите личности оттаму објавија фотографии на Инстаграм со кои покажаа како го дочекале празникот.
Хрватската пејачка, ТВ водителка и актерка Маја Шупут објави фотографија на која се гледа раскошната трпеза во нејзиниот дом.
Таа, сопругот Ненад и синчето Блум позираа во модно усогласено издание, а на масата може да се види дека освен традиционалните јајца во боја и торта, сервирале и златна пршута, што наиде на критики кај дел од нејзините следбеници, кои ја обвинија за расипништво.
Меѓу Хрватите што објавија фотографии и видеа на Инстаграм е и Северина, која се пофали дека празникот го поминала заедно со нејзината мајка, а на Инстаграм Стори објави видео во кое покажа дека не ја прескокнале велигденската традиција и се кршеле со јајца.