Зошто судењето на Гвинет Палтроу е нејзината „најдобра улога“ досега?
- Детали
- петок, 31 март 2023
„Неговото тело ме притисна одзади, па буквално се смрзнав од страв. Со скиите ми влезе меѓу нозете и се наби на мене, па во еден момент помислив дека нешто перверзно и чудно се случува“ - рече за време на сведочењето актерката Гвинет Палтроу. Зошто светските таблоиди пишуваат дека ова е нејзината „најдобра улога“ со години?
Судењето на Гвинет Палтроу, за несреќа на скијање која се случила во 2016-та година, од првиот ден го привлекува вниманието на светските медиуми. Таблоидот „TMZ“ ја спореди актерката со серискиот убиец Џефри Дамер, а „New York Times“ за судењето пишува дека ова е нејзината „најдобра улога“ со години.
Актерката Гвинет Палтроу е прогласена за невина за предизвикување несреќа на скијање во 2016 година.
Судот во Јута ја ослободи од обвинението што против неа го поднесе пензионерот Тери Сандерсон.
Сандерсон тврдеше дека таа скијала неконтролирано и го удрила со голема брзина, а тој се здобил со трајно оштетување на мозокот, скршил четири ребра, и поради траумата, паднал во депресија.
Тери вели и дека откако паднал, Гвинет врескала по него и се оддалечила, без да се понуди да му помогне, па затоа бара отштета од 300.000 долари.
Судењето на Палтроу од првиот ден го привлекува вниманието на светските медиуми. На првиот ден на судењето, Гвинет се појави во бела ролка, со минимална шминка и големи очила со диоптер.
На почетокот таа седеше мирна, без израз на лицето и само ги следеше другите сведочења.
Откако светските медиуми објавија фотографии од судењето, на социјалните мрежи многумина ја споредија Гвинет со серискиот убиец Џефри Дамер.
Истиот коментар го имаше и најпознатиот светски таблоид „TMZ“.
„Гвинет со очилата потсетува на сериски убиец, не ви се чини така?“ – пишува таблоидот.
Gwyneth Paltrow got dragged for her 'Jeffrey Dahmer look' on the first day of her civil trial stemming from a 2016 hit-and-run ski crash. https://t.co/QfZUYYGrmO
— TMZ (@TMZ) March 23, 2023
Откако првиот ден беше мета на потсмев, следниот ден Гвинет на судењето дојде скромно дотерана, но со многу накит и поинаков израз на лицето.
Овојпат таа беше насмеана, потоа зачудена, на крајот разочарана, а на момент и се расплака во судницата.
Светскиот магазин „New York Times“ пишува дека иако ретко глуми, Гвинет е сепак актерка, а нејзиното однесување во судницата само покажува колку е таа талентирана во тоа што го работи.
„Ова е најдобрата улога на Гвинет во последниве години. Како цело време да глуми, пробува да се поврзе со поротата, да им се допадне и да ги привлече на своја страна“ - пишува магазинот.
Според нив, судењата на познатите личности секогаш привлекуваат внимание, но, Гвинет во судницата се надминала себеси.
Два дена од почетокот на судењето Гвинет беше повикана да сведочи и таа ги изненади присутните и јавноста со тврдењето дека Тери налетал на неа, а не обратно.
„Неговото тело ме притисна одзади, па буквално се смрзнав од страв. Со скиите ми влезе меѓу нозете и се наби на мене, па во еден момент помислив дека нешто перверзно и чудно се случува“ – рече актерката.
Таа додаде дека не го обвинува Сандерсон за сексуален напад, туку дека во моментот не ѝ било сеедно бидејќи слушнала воздишки и гровтања.
Гвинет истовремено поведе контра-тужба против Сандерсон, со која бара отштета од 1 долар и покривање на судските трошоци.
За потсетување, несреќата се случила во 2016-та година, кога Гвинет со семејството престојувала во луксузен ски-центар.
Три години по несреќата, во 2019-та година, Тери Сандерсон поднел тужба против актерката.
Тој првично барал 3.1 милиони долари, но потоа таа сума се намалила на 300.000 долари.
А. Ј. | Црнобело