Македонија е супер за гејм девелопмент - Global Game Jam Македонија 11-то издание
- Детали
- петок, 10 февруари 2023
Во викендот што измина, од 3ти до 5ти февруари, се одржа 11тото издание на Global Game Jam Македонија во организација на Македонската асоцијација за развивање на игри - МАГДА.
Настанот се одржа во 2 града, Скопје и Битола. Домаќин во Скопје беше Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а во Битола компанијата за развивање на видео игри Kamai Media. Global Game Jam е еден вид на хакатон на кој во текот на 48 саати се креираат игри на зададена тема. Се одржува во исто време низ целиот свет и на него се вклучуваат десетици илјади учесници од скоро секоја земја. Темата на Global Game Jam 2023 беше "Roots" односно "Корени". Во Македонија имаше над 100 учесници - професионалци, студенти и ентузијасти, а беа направени вкупно 20 игри од кои 17 во Скопје и 3 во Битола.
Учесниците во Скопје сами го избираа жанрот на играта и како резултат се добија прототипи на игри со одлична техничка обработка, несекојдневни приказни, иновативни идеи и заразен gameplay. За жирито составено од нашите верни соработници Indium Play, CrazyLabs, Haselt, A1, SEDC и GG.mk не беше лесно да ги избере победниците. Наградата "Најдобра игра" беше доделена на тимот Multiply Games и нивната игра "Back To Your Roots". Како тим со сериозно искуство во развивање на игри тие креираа игра со одлични технички карактеристики и несекојдневна приказна со хорор и хумористични елементи.
Играта која нѐ воодушеви сите со иновативниот начин на кој беше програмирана, а ја освои и наградата "Д Девелопер" е "Spread" на тимот CBT. Овој тим го направи она што посакуваме да го видиме на секој game jam настан - да се експериментира и да се создаде нешто ново. Играта која имаше најдобар цртеж и ја освои наградата "Д Артист" е "Land of Dust" на тимот Error 404. Нашиот најмлад учесник беше 12-годишниот Лука Плавевски кој работеше на играта "Sudo Hack n Slash" како дел од тимот Cyberpunk Pilots of the Empire. За неговиот талент и голема желба за работа му беше доделена наградата "Надежен девелопер".
Од игрите кои ни оставија впечаток со убава приказна или заразен gameplay би ги издвоиле "Mycela" од тимот Frozen Flame, "404 Rabbits" од тимот Galactic Omnivore, "This Mole DOES NOT Share His Food!!" од тимот Goat Soup, "Кораб" од тимот Шумлива Таблета, но и сите останати затоа што секој тим ја развиваше својата игра со големо внимание и посветеност. После повеќе години, на локацијата во Скопје повторно беше креирана друштвена игра, "Zen Garden" од тимот Битолчани. Учесниците имаа шанса да чујат и 3 едукативни предавања од компаниите CrazyLabs, Indium Play и IBSC, а самите предавачи дополнително им помагаа на тимовите во работата.
Видеата од сите игри создадени на скопската локација на Global Game Jam Македонија може да се погледаат на YouTube каналот на МАГДА, а дел од нив може да се преземат од веб страната на Global Game Jam.
На локацијата на Global Game Jam во Битола се работеше на еден сосема различен начин. Учесниците можеа да изберат да работат според 3 претходно дефинирани патеки со кои управуваа професионални гејм девелопери вработени во Kamai Media. Овие игри исто така можат да се преземат од веб страната на Global Game Jam.
Ова е година во која МАГДА прави 10 години од своето основање и ние посакуваме поголем број успешни настани и почесто дружење на гејм девелопмент заедницата во Македонија. За сите настани и информации следете ја нашата страница.