Публицис Груп го поддржува развојот на студентите по маркетинг на Економски факултет - Скопје!
- Детали
- вторник, 03 октомври 2023
„Управување со иновации и производ” од Ежени Брзовска, достапна за студентите од маркетинг на Економскиот факултет - Скопје благодарение на Публицис Груп.
Македонската маркетинг индустрија има иднина! Потенцијалот е во младите студенти на департмaнот Маркетинг при Економскиот факултет Скопје, кои покажуваат извонредни резултати и огромна љубопитност за професијата. Благодарение и на наставниот кадар кој се труди да им ги доближи и пренесе најновите знаења и пракси од светот на комуникациите. Една од нив е и Ежени Брзовска, редовен професор на Економскиот факултет - Скопје, смер Маркетинг, која ги следи светските маркетинг трендови, која е во постојан контакт со компании од домашната маркетинг индустрија, и се труди да ги пренесе најопипливо и најпрагматично своите знаења и искуства на своите студенти. Резултат на тој нејзин труд е и нејзиниот најнов учебник под наслов “Управување со иновации и производ” кој претставува многу корисен материјал на 240 страни за сите студенти по маркетинг.
Нејзината желба целокупното знаење и искуство да го направи што подостапно на студентите ја поврза со Маркетинг агенцијата Publicis Groupe, една од најголемите и најнаградувани компании за интегрални комуникации во земјава и регионот, која ја поддржа во издавањето на нејзината книга, и истата ја направи бесплатно достапна за студентите од департманот маркетинг на Економскиот факултет – Скопје кои беа присутни на денешната промоција.
„Инвестирањето во знаење и образование е најдобрата инвестиција за младите на долг рок. Публицис Груп Македонија е дел од една од најголемите светски комуникациски групации, работи за клиенти и проекти во земјава и надвор од неа и секогаш има потреба од квалитетен и иновативен млад кадар. Во нашата агенција секогаш има место за амбициозни и талентирани млади луѓе кои сакаат да напредуваат.
Нашата агенција обединува талентирани индивидуи, кои со голем ентузијазам и страст креираат различни комуникациски и маркетинг решенија, и кои со својата работа потврдуваат дека и од земјава може да се создаваат решенија кои се конкурентни на светскиот маркетинг пазар. Се надеваме дека овој учебник на професорката Ежени Брзовска ќе биде дополнителен поттик за младите студенти уште повеќе да ја засакаат својата струка, и дека ќе ја поттикне нивната љубопитност, повеќе да истражуваат и да се дообразуваат”, изјавиja од агенцијата Publicis Groupe.
„Книгите како и брендовите се создаваат во подолг временски период. За мене среќата лежи во достигнувањата и вложениот креативен напор во пишување на овој учебник. Во учебникот Управување со иновации и производ се исцртани контурите на процесот на развој на нов производ. Маркетингот е мускул и во тој контекст искрено се надевам дека овој учебник ќе ја подобри теоретската и практичната кондиција на студентите.
Поддршката од Публицис за мене претставува вистински успех на ефикасна интеграција која носи взаемно корисни резултати за студентите. Со нагласена емотивна вредност незимерно сум благодарна за допринесот на Публицис што им овозможија на присутните студенти од Економскиот факултет – Скопје да го добијат учебникот Управување со иновации и производ“, изјави Ежени Брзовска, редовен професор на Економскиот факултет – Скопје
Според Ежени Брзовска денес живееме во ера кога постојано ги преиспитуваме своите маркетинг одлуки, и како никогаш досега стана важно компаниите да имаат иновативна и интегрална маркетинг комуникација, која во фокус ја става бренд стратегијата, иновативноста и постојаното инвестирање во бренд вредноста. Овој учебник е резултат на долгогодишна анализа, контакти со индустријата и различни маркетинг професионалци, за да се сублимира еден сеопфатен труд кој поттикнува интерес и страст за маркетинг професијата.
Publicis Groupe Skopje е суштински дел од македонската маркетинг индустрија веќе 27 години. Обединува тимови од агенциите Publicis и Saatchi & Saatchi, кои работат на различни комуникациски проекти за различни индустрии. Изработка на креативни решенија, дизајн и продукција, креирање на бренд стратегии, медиски закуп и планирање, Односи со јавност и организација на настани, се само дел од активностите кои оваа агенција децении наназад ги спроведува за своите клиенти.