10 работи кои за нас се секојдневие, а за астронаутите во вселената се вистински предизвик
Астронаутите не смеат да јадат леб бидејќи прави ронки, а се бањаат само со специјално средство кое не се плакне, и потоа се бришат со крпа.
Животот е многу поразличен во микрогравитација и дури и наједноставните активности можат да бидат вистински предизвик. Ова им е најдобро познато на астронаутите кои престојуваат и по неколку месеци на Меѓународната вселенска станица.
Меѓународната вселенска станица се наоѓа во орбитата на Земјата, каде што влијанието од гравитацијата на нашата планета е речиси непостоечко.
Поради ова, сите предмети на Станицата лебдат, а дури ни водата не се однесува како на Земјата.
Па, кои секојдневни активности се вистински предизвик за астронаутите?
Спиење
Воопшто не е лесно да спиете во микрогравитација. Астронаутите на Меѓународната вселенска станица мораат да спијат во вреќа која е прицврстена за нешто, со цел да не лебдат низ кабината.
Спиењето во ваква вреќа со речиси непостоечка гравитација може да биде проблематично, особено за астронаутите со помалку искуство.
Јадење леб
Астронаутите треба да се откажат од лебот додека престојуваат во Станицата.
Бидејќи лебот прави ронки кои е практично невозможно да се соберат во микрогравитација, оваа храна е забранета на Станицата.
Готвење
Во Станицата нема ни најдобри услови за готвење. Зеленчукот што го јадат астронаутите, како и секој оброк, речиси секогаш е дехидриран и спакуван. Пред да го јадат, тие го ставаат во посебна машина која го „рехидрира“ и го прави погоден за јадење.
Миење заби
Астронаутите користат паста и четка кога се во Станицата, но имаат и кеса со вода. Поради микрогравитација, водата не тече во Станицата, туку наликува на меур што лебди.
Најпрво астронаутите ставаат малку вода и паста на четката, ги мијат забите, како вообичаено, а вишокот паста обично го голтаат.
Миење раце
Во Станицата, астронаутите не ги мијат рацете со вода, туку со посебно средство кое не треба да се плакне - нешто слично како средствата за дезинфекција. Потоа само ги бришат рацете со крпа.