Охриѓанецот Александар Петрески со нова авторска песна, во соработка со Марија Цветановска – слушнете ја „Снегулка“
Охриѓанецот Александар Петрески објави нова песна, во соработка со Марија Цветановска – „Снегулка“ е детска песна преку која тој се обидува да ја долови магијата на зимата што ја чувствувал во детството.
Александар Петрески кој потекнува од Охрид, веќе 20 години се занимава со музика и пишува песни на македонски и англиски јазик.
Неговото последно авторско дело – песната „Снегулка“ – е во соработка со Марија Цветановска.
„Кога бев мало дете, имав преголема желба за снег во зима. Посебно пред Нова година. Се молев секогаш кога врнеше, снегот да се задржи. Во моето рано детство тоа беше почеста појава.
Никогаш нема да ги заборавам оние моменти, кога со другарите од училиште си одевме дома низ охридското кале. Посебно мила ми беше рутата низ чаршијата навечер! Неколкуте тезги со новогодишни украси отсликуваа волшебна бајка во невините детски очи.
Сето тоа, за кое можам уште многу да зборувам, накратко го опишав во оваа новогодишна детска песна. Испеана е од возрасни вокали, како хибрид кој би овозможил уживање на децата и на возрасните“, вели Александар за неговиот нов хит.
Целата песна, заедно со текстот, музиката и аранжманот е дело на Александар.
Слушнете ја „Снегулка“: