Македонски бендови кои треба да ги слушнете на Д-Фестивал
Фестивалските доживувања може да започнат. Приказната на Д-Фестивал продолжува и ова лето, а илјадници посетители викендов ќе имаат можност да „шизат“ на кул музика, да се дружат и забавуваат на една од најинтересните „дешавки“ ова лето и истовремено да се разладуваат во Дојранското Езеро.
Поддржувачи на македонски артисти ќе можат да слушнат петнаесет квалитетни изведувачи на Mosquito Stage, секој со уникатен музички звук и перформанс.
Во продолжение следува листа на дел од бендовите кои ќе „рокаат“ викендов во Дојран:
ANNA O
Петок | 06 Јули 18:30
Бенд составен од тројца ентузијасти кои од 2013 година решиле да урлаат за темните и суровите страни на градот, за секојдневната апокалипса со која се соочуваат, за неморалноста, за распарчаната реалност.
Преку мутирачки панк-рок и емо воздишки, па сé до примитивен пост-хардкор, Anna O ќе ве потсети дека ние самите си ги поставуваме границите, а ако очекуваме слободата да ја најдеме надвор од нас, тогаш само се лажеме.
„Д-Фестивал го гледаме како фронт на којшто можеме да испукаме дел од материјалот од нашиот прв албум Подочњаци, но и дел од вториот Гробот на еден робот којшто треба да искочи при крајот на јули, така што публиката ќе има можност да слушне дел од песните уште пред нивната официјална промоција“, изјавуваат членовите на бендот Anna O, кои го сочинуваат Благоја Глигоровски (гитара), Кирил Стоименов (бас/вокал) и Дејан Јефремов (тапани).
CUT YOUR NIPPLE
Петок | 06 Јули 17:45
Бендот е формиран во 2017, но активно свират од почеток на 2018 година и ги сочинуваат: Марко Печеновиќ (вокал/бас-гитара), четврта година во средно уметничко Лазар Личеноски, кој сака да направи откачена фанки песна, Теодор Јаневски (тапани), втора година во средно музичко, кој се труди да напредува во свирење на својот инструмет и Павел Кузмановски (гитара/вокал), кој живее во Скопје и учи во СУГС Никола Карев, обожава да јаде и слуша метал и панк рок.
„Д-Фестивал е нашето најголемо достигнување до сега и многу сме возбудени. Се надеваме дека ќе се докажеме таму и конечно публиката ќе види некој експериментален прљав фанк“, откриваат членовите на Cut your nipple од Тетово.
MAN IN A SUIT
Недела | 08 Јули 17:45
Бенд, кој свири урбано меланхолична рокенрол музика со џези елементи и вклучена електроника ќе бидат дел од Д-Фестивал.
Формиран во април минатата година го сочинуваат: Дарко Медарски – Медо (гитара и вокал), мултиинструменталист и уличен уметник, Филип Методиев (гитара), Дарио Циевски – Цио (тапани), Кирил Тројачанец – Кирчо (саксофон) и Давор Папалински (бас).
„Годинава бевме поканети од Password Production да свириме на Д -Фестивал. За почеток мора да се каже дека организацијата и третманот им е на високо ниво.
Сé уште сме нов бенд, без луѓето да знаат за нас, освен мал дел од скопската и кумановската публика кои имале шанса да нè чујат. Убаво е да се случуваат вакви настани, настани на кои македонската, па и странската публика ќе има можност да слушне нови и квалитетни бендови, а и бендовите да имаат можност да ја презентираат нивната музика.
Што е ново за нас? Веќе кроиме планови за снимање на нашиот прв албум, и полека се движиме кон реализирање на планот. Прв чекор, демо и финансии. Не е едноставно да се снима. Требаат финансии, посебно ако сметате дека вашата музика може да допре до светската јавност, па оттука и не би снимале во било кое студио за евтини пари. Опрема исто така. Добрите критики од непознати луѓе кои често ги добиваме се голем мотив. Дојдете, чујте, заљубете се!“, изјавуваат членовите на Man In a Suit.
PALINDROM
Недела | 08 Јули 19:15
И скопското трио формирано во 2013 година ќе бидат дел од годинешното издание на Д-Фестивал. Невообичаениот состав од две бас гитари и тапани им овозможува на нивните членови да експериментираат со пост-панк/стонер и ноиз жанровите.
„Не сме баш состав кој искажува многу зборови, но мило ни е што ќе имаме можност да ја споделиме нашата музика со посетителите на Д-Фестивал и да размениме искуства со другите изведувачи“, споделуваат членовите на Palindrom, составени од: Кристијан Новковски (тапани), Ерик Омерагиѓ (бас-гитара) и Филип Поповски (бас-гитара).
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело