Ивона Јо со порака до публиката „Не чувајте ја себично болката во себе“
Ивона стои како симбол на кршливоста, осветлена со еден силен зрак, додека нејзината сенка го симболизира товарот и тежината на емоциите што ги носи.
„Себично“ е песната на Ивона Јо со која таа ја погоди публиката на овогодинешниот Макфест во Штип, а од сега слушателите ќе имаат можност и да го погледнат спотот во кој Ивона јасно ја пренесува својата порака до публиката.
Тимот кој ја создаде оваа песна се состои од Илија Ќосевски како композитор и Весна Малинова како текстописец.
Видео записот за „Себично“ е во продукција на 2by4 Production, а во режија на Ени Вучидолова.
Песната претставува интимно патување низ мракот на срцето, кое упорно се држи за нештото што најмногу го повредува.
Токму тоа е и визуелно прикажано во нејзиниот спот.
Во оваа атмосфера, Ивона стои како симбол на кршливоста, осветлена со еден силен зрак, додека нејзината сенка го симболизира товарот и тежината на емоциите што ги носи.
„Оваа песна е за едно време кога „себично“ ја чував болката во себе и за себе. За едно време кое зема сѐ од мене за да се пронајдам себе.
Патот до себе ме доведе до оваа песна која ми ја исцели душата вадејќи ја секоја негативна емоција од мене. Сакам да допрам до слушателите, до публиката...
Толку многу сме навикнати да ја чуваме болката во себе и никако да излеземе од кругот на самодеструктивноста.
Во секој од нас има поубаво место за живеење. Можеме и без болката, можеме без сѐ, освен без себе. На светот му е потребна нашата емпатија, милост, добрина. Со песна за некој поубав свет“, вели Ивона.
Светлото кое трепка и хаотичните движења создаваат слика на внатрешен хаос.
Спотот е веќе достапен на YouTube и публиката може да ужива во беспрекорната и емотивна интерпретација на Ивона Јо.