Колумбиец ја пее „Јовано Јованке“ во Канада: „Македонската музика го освои моето срце на начин што не го очекував“ (видео)
Колумбиецот Јанко Пенафорт е толку фасциниран од нашата музика, што го научил македонскиот јазик, пее македонски песни, го посетил и Скопје, а има и Фејсбук страница посветена на нашата музика. Слушнете како звучи „Јовано, Јованке“ во негова изведба.
Jaнко Пенафорт е професионален музичар и пејач од Богота, Колумбија.
Но тој е вљубен во македонската музика, до толку што го научил нашиот јазик, свири наши песни со својот бенд, а пред неколку дена ја отвори и Фејсбук страницата „Колумбиец пее на македонски“.
Таму, тој откри зошто е фасциниран од македонските песни, па и во самото интро на страницата напиша:
„На оваа страница сакам да ја споделам мојата страст за прекрасната македонска музика. Ви благодарам на сите за вашите коментари и споделувања“.
Јанко веќе бил во нашата татковина, па објави и слика направена на камениот мост, со поглед кон скопскиот плоштад и едно долго објаснување што го фасцинирало кај нашата музика.
„Зошто се заљубив во македонската музика (од колумбиско срце)?
Како музичар од Колумбија, мислев дека сум слушнал сè. Ритми, мелодии, приказни што ги раскажува музиката… но потоа ја открив македонската музика. И да ви кажам, тоа е нешто што никогаш досега не сум го слушнал.
Еве зошто толку ме фасцинира:
Спој на култури: Растејќи во Колумбија, навикнат сум на мешавина од звуци - но македонската музика? Тоа е ремек-дело на историја и култура. Од словенското срце до влијанијата на Отоманската Империја и понатаму, секоја песна е како патување низ времето.
Ритми што ја движат душата: Првиот пат кога ги слушнав тие ритми во 7/8 и 9/8, не можев да останам мирен. Тоа е ритам што зборува со твоите коски. Игра, длабок е и го чувствуваш во градите - како срцев удар.
Емоција во секоја нота: Она што најмногу ме погоди беше суровата емоција во мелодиите. Без разлика дали се работи за љубов, загуба или копнеж, овие песни ти го допираат срцето на начин што е универзален. Без разлика од каде си, го чувствуваш тоа.
Инструменти што раскажуваат приказна: Звукот на гајдата, кавалот и тапанот е нешто што никогаш досега не сум го слушнал. Како секој инструмент да носи со себе илјадагодишни приказни. А гласовите? Моќни, душевни – го чувствуваш духот на Македонија во секоја нота.
Музика што ги спојува луѓето: Во Колумбија, музиката е заедница, славење. И го најдов истиот дух во Македонија. Од свадби до фестивали, музиката е срцето на секое собирање, спојувајќи ги луѓето во радост. Толку е слично на нашите прослави.
Прекрасна разновидност: Сакам како македонската музика ја прегрнува својата богата разновидност. Ги слушаш различните влијанија – од словенските традиции до звуците на албанската и ромската заедница. Тоа е прекрасен одраз на душата на земјата.
Македонската музика го освои моето срце на начин што не го очекував. Таа не е само убава - таа е моќна, емотивна, и е нешто што нè поврзува сите, без разлика од каде доаѓаме.
Затоа, на моите македонски пријатели: вашата музика е богатство. Ве молам, напишете во коментарите, која е вашата омилена македонска песна? Можеби ќе ја научам за еден од моите следни видеа!
Јанко сподели и видео, снимено во Канада, каде што со членовите на својот бенд ја пее „Јовано, Јованке“.
Но пред да почнат да пеат, тој вели:
„Ние сме музичари од Колумбија, од Венецуела и ја сакаме многу македонската музика. Сега сме во Канада, во градот Халифакс и сакам за вас да свирам една убава македонска песна“.
Погледнете го видеото:
https://www.facebook.com/61568806859366/videos/587078053998367
А. Ј. | Црнобело