Белорусинка пее песна од Тоше Проески: „Љубовта ме донесе во Македонија“
„Се вљубив во песната првиот пат штом ја слушнав. Не знаев многу за пејачот, но како професионален музичар, слушнав дека Тоше ја давал целата своја енергија во неговите песни“ – вели во изјава за CRNOBELO.com, Оли, Белорусинка која љубовта ја донесе во Македонија.
Горди сме кога гледаме како странците што доаѓаат кај нас ја прифаќаат нашата култура и нашата уметност.
Oваа девојка од Белорусија, љубовта ја донесе во Македонија, каде планира да ја продолжи својата музичка кариера и да пее песни и од повеќе наши познати музичари, но и од музичари од регионот.
Оли е родена и израсната во Полоцк, Белорусија, а за себе вели дека отсекогаш сакала да пее, но никогаш не верувала дека тоа еден ден ќе биде нејзината професија.
„Првпат почнав да пеам како дете и со постојано вежбање и работа, успеав да го покажам мојот вистински талент на сцена во 2008-ма година, додека бев студент.
Тогаш за првпат на сцена ја испеав песната од рускиот метал бенд Ария 'Возьми моё сердце'“ – вели во изјава за CRNOBELO.com.
Во последните неколку месеци Македонија е нејзиниот дом и таа полека почнува да се привикнува на нашата култура и начин на живот, а на прашањето зошто се одлучила да отпее песна од Тоше, Оли вели:
„Се вљубив во песната првиот пат штом ја слушнав. Не знаев многу за пејачот, но како професионален музичар, сфатив дека Тоше ја давал целата своја енергија во неговите песни и тука не зборувам само за вокалните техники, туку за душата што им ја дава и пристапот кон нив.
Тој ме фасцинираше најмногу, па така одлучив дека ќе направам кавер верзија на ‘Боже, чувај ја од зло’“ – вели Оли.
„Боже, чувај ја од зло“ е првата песна што Оли ја отпеала на македонски јазик, но нема да биде последна.
„Дефинитивно ќе направам уште неколку кавери на македонски песни, затоа што имате голем број убави песни и навистина сум среќна што слушнав повеќето од нив. Дефинитивно, планирам да пеам повеќе македонски песни во моите следни настапи“ – ни откри таа.
За крај ја прашавме како се снаоѓа со јазичната бариера, и дали ѝ беше тешко да пее на македонски јазик, со оглед на тоа што сѐ уште не знае добро да го звборува нашиот јазик, па Оли рече:
„Не ми беше тешко да пеам на македонски, затоа што нашите јазици се од исто семејство, но признавам дека имав проблеми со акцентот и изговорот на некои зборови. Но, кога пееш од срце, навистина и не е многу важно“.
Оли сними забавно видео во Македонија со кое ја презентира својата кавер изведба на песната од Тоше, во придружба на нејзиниот сопруг.
Погледнете го во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело