Првата песна на Тамара Волческа на македонски јазик - „Место од спомени“
На 12.07.2023 година, во 12:00 часот, Тамара Волческа ја промовираше својата прва песна на македонски јазик и се запишува како автор на истата.
„Место од спомени" ни ја претстави како времеплов на сеќавањата од минатото, копнеж и недостиг кон нашите корени, места каде што сме пораснале и луѓе кои веќе не се покрај нас.
Како автор на текстот, Волческа праќа порака да бидеме благодарни за она што го имаме денес и со радост да се сеќаваме на она што поминало.
Место од спомени може да биде човек, чувство, клупа, дрво, баба, дедо и сѐ она што ни буди топлина и љубов.
Автор на музика е Весна Малинова, а аранжманот го направи Дарко Тасев. Позади видео записот стои Петар Тутунџиев.
„Целта беше да ја претставиме песната и текстот на едноставен начин, со детски џагор, детски насмевки и хоризонтала на повеќе генерации, малечко бебе, среќно семејство, бабичка со своите внуци и повторно истата приказна во денешно време каде се рецитираат длабоки стихови за недостиг: 'некој се сеќава, на некој недостасува, некој копнее по нечија прегратка, нечија насмевка, која веќе ја нема, за она место, кога бевме деца'".
Волческа: „'Место од спомени' ја напишав за прекратко време, за само 10-тина минути, додека Весна спонтано свиреше на клавир и ме водеше низ атмосферата за креирање. Оваа песна ја пријавивме за Макфест 2023, но за жал бевме одбиени.
Се надевам дека 'Место од спомени' ќе допре до сите и ќе биде пренесувана од генерација на генерација бидејќи имам чувство дека сепак постои надеж да ги зачуваме вистинските вредности на нашата музика и покрај новите трендови“.
Слушнете ја „Место од спомени“: