Агрон Усеини, прв македонски автор на научно фантастичната трилогија „Овириум“: „Губам чувство за време додека пишувам“
Колку време ти е потребно за да напишеш еден роман?
Ах, времето, никогаш доволно.
Имам романи кои ги имам напишано за една година, а за некои сѐ уште не сум завршил со расплетот на случувањата.
Сѐ зависи од инспирацијата и околностите во моментот на пишување. Оној познат авторски блок (writers block) ми се случува кога во умот стојат стари идеи кои се надоврзуваат со нови, и тогаш се случува емотивна експлозија, и тие мигови знаат највеќе да одолжат било какво творење.
Дали имаш некој посебен ритуал пред да седнеш да пишуваш?
Да, имам различни плејлисти за секој роман, воглавно се инструменталки од различни жанрови и тие ми се муза понекогаш.
Практикувам да пишувам најпрвин два часа, па пауза од саат време и после продолжувам, во спротивно се случува да се „занесам “ во световите кои ги креирам и да изгубам чувство за време, ден и ноќ.
Дали некои од ликовите во „Овириум“ се инспирирани од личности во реалноста?
Како ликови не, но како случки на самите ликови, да, има инспирација.
Сите ликови кои ги креирам се тридимензионални и доаѓаат со свој товар, минато и причина за сите одлуки кои ги носат, без разлика дали се добри или лоши.
Соживувам со секој лик и нивните случувања, скоро како да се мои.
Наброј ни три романи што ти најмногу сакаш да ги читаш во слободното време?
Периодов ме освоија „Девојките што горат“ од писателката К.Џ.Тјудор, „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски и „Раскази од минатиот век“ од Виолета Танчева-Златева.
Омилени романи на кои им се навраќам се делата на Џорџ. Р.Р Мартин, секогаш во секое време.
Кои се плановите за иднина? Дали веќе имаш понуда за превод на романите или планираш некој нов серијал?
„Овириум“ серијалот веќе е во процес на преведување, целта ми е да го издадам надвор од Македонија и плановите за цела таа инвестиција и процес ги започнувам полека.
Меѓувремено работам на нов роман, мистерија и трилер, но воедно опфаќа и општествени предизвици со кои се соочува жената кога на вага ѝ се ставаат сопствената егзистенција и цената што треба да ја плати за да преживее низ виорот авантури кои животот и ги приредува.
Реченица за авторски статии: ©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





