Агрон Усеини, прв македонски автор на научно фантастичната трилогија „Овириум“: „Губам чувство за време додека пишувам“
„Имам различни плејлисти за секој роман, воглавно се инструменталки од различни жанрови и тие ми се муза понекогаш. „Овириум” е приказна раскажана од мистериозен наратор за напредна цивилизација во потрага по долгогодишниот изгубен стопроцентен човек“ – во интервју за CRNOBELO.com авторот Агрон Усеини раскажува од каде ја добил идејата за неговата трилогија, но открива и мали тајни за тоа кој е неговиот рецепт за пишување возбудливи научно-фантастични романи.
Неодамна беше промоцијата на втората книга од трилогијата „Овириум“, насловен „Помеѓу светови“ на македонскиот автор Агрон Усеини, па по тој повод направивме едно кратко интервју со него и се обидовме да откриеме повеќе детали за него.
Првиот дел од книгата насловен „Отаде смртта“, предизвика огромен интерес кај публиката, особено кај оние читатели што сакаат научно фантастични романи и приказна сместена во еден поинаков свет од секојдневниот, а се очекува дека и вториот дел од книгата ќе предизвика огромен интерес кај публиката.
„Овириум“ има голем број позитивни критики на веб страната за книги и препораки за книги Goodreads, а читателите се изненадени од талентот со кој Усеини успева да изгради еден „фантастичен“ нов свет, но и од приказната која ве држи во неизвесност сѐ до самиот крај.
Агрон Усеини е роден во Скопје, во 1988 година. Студирал на Правниот факултет на „Универзитетот на Југоисточна Европа“, а по завршувањето на студиите, својата кариера ја пренасочил во светот на маркетингот, во кој почнувајќи од 2014 година се вбројува меѓу основачите на агенцијата за маркетинг „Пејџленд“ (Pageland).
Во разговор за CRNOBELO.com Агрон открива дека иако направил промена во основа на примарната професија, па од областа на правото се пренасочил кон маркетинг, но, она што останува како „темел“ и што сака постојано да го прави е пишувањето.
Открива дека пишува веќе 13-тина години, во неговата фиока веќе има 10-тина романи, а од минатата година одлучил да почне да ги објавува и да ги сподели со читателите.
Со Агрон разгoваравме на повеќе најразлични теми, се обидовме да откриеме што значи да се биде млад писател, кои се неговите ритуали пред пишување, но и ни откри дали ликовите во „Овириум“ се инспирирани од стварноста.
Проследете го интервјуто на Агрон за CRNOBELO.com во продолжение:
Дали пишуваш само научна фантастика, или си се обидел да твориш и во некој друг жанр?
Првото дело кое го напишав беше драма, чиј заплет бараше протагонистот да посака да избега од реалноста.
Откако навлегов во светот на магични преобразби, сфатив дека висока фантазија и научна фантастика се жанрови кои обожавам да ги комбинирам.
Освен тие жанрови пишувам и трилер, пропратен со хорор финеси. Сѐ што прави сетилата да се наострат и да нѐ натера длабоко да размислиме за суштината на постоењето е моја муза.
Од каде идејата за „Овириум“? Како ја доби желбата да креираш свет што е сосема различен од реалниот?
„Овириум” како идеја се роди од прашањата за тоа што всушност значи да си човек, и како да продолжиш да останеш таков дури и откако би ја изгубил човечноста.
Научнатата фантастика која ја пишувам не е онаква каква што сите ја познаваме, со роботи и вселенски летала или вонземјани кои доаѓаат да нè киднапираат.
Во моите научно фантастични дела е присутна човечноста и како таа би го доживеала сиот тој непознат свет.
Толку долго сме навикнати дека треба да очекуваме зелени вонземјани, или чудовишни суштества да дојдат од длабочината на Универзумот што сме заборавиле да се запрашаме: Што ако тие „вонземјани” се луѓе, и трагаат по нешто кое го изгубиле пред еони, и ние сме нивно дело?
„Овириум” е токму тоа, приказна раскажана од мистериозен наратор за напредна цивилизација во потрага по долгогодишниот изгубен стопроцентен човек, и целиот расплет на нивната потрага ја прави приказната необична.
Во колкава мера македонската публика е заинтересирана за научно – фантастични дела?
Реакциите од првиот дел на „Овириум – отаде Смртта” пријатно ме изненади. Иако не толку голем, бројот на луѓе кои уживаат во такви жанрови во нашата држава направи во ноември лани книгата да биде во топ 10 листа во книжарниците на ТРИ како една од најбараните, дури на 6-то место.
И ова ми даде надеж дека интересот да се поддржат наши домашни автори и да се бодрат да творат и издаваат е во раст.
Продолжува на следната страна...
Би можело да ве интересира:





