Три напнати трилери поради кои сами ќе си „направите филм“ во главата
„Најдоброто кино во светот е мозокот, а тоа ќе го сфатите додека читате добра книга.“ Овие 3 напнати трилери се совршена можност да се испробате како режисер. Нивното дејство е толку возбудливо и напнато, што нема шанси да не си создадете филм во главата.
Ветуваме квалитетно исполнето време и бессони ноќи:
Ноќта кога Оливија падна – Кристина Мекдоналд
Аби Најт ја буди среде ноќ ѕвонењето на телефонот со трагичната вест дека нејзината ќерка, тинејџерката Оливија, доживеала страшна несреќа. На Аби ѝ кажуваат дека Оливија се лизнала на мостот и паднала во ледената вода на реката.
Сега е во бессознание, пренесена во болница, а апаратите ја одржуваат во живот. Но, Аби забележува модринки на зглобовите на Оливија и дознава дека нејзината ќерка е бремена веќе три месеци. Дали би верувале ако ви кажат дека се работи за несреќа?
Длабоко во темнината – Лорет Ен Вајт
Ветувањето за луксузен одмор во спа-центар во дива природа спојува 8 среќни гости на едно место. Но ништо не е онака како што очекувале. Секој од нив има тајна. Секој има нешто што го крие. И сега, кога темнината полека се спушта, сите имаат од што да се плашат … а најмногу еден од друг.
Кога дознаваат за исчезнатата група луѓе, еден детектив и еден експерт за спасување мораат да се соочат со бруталните временски услови на планината за да ги најдат. Но, стрелката на часовникот врти, а гостите на Форест Шедоу умираат еден по еден.
13 – Стив Кавана
Ариела и Боби Соломон се најпознатиот и најмоќен холивудски пар. Би можеле да го имаат светот на дланка, но една ноќ таа е најдена мртва заедно со телохранителот, а нејзиниот сопруг е обвинет за бруталното убиство.
Некогашниот измамник кој станал адвокат, Еди Флин, не верува дека неговиот клиент убил двајца луѓе и се сомнева дека вистинскиот убиец е поблиску отколку што мислат сите – но кој би можел да помисли дека е толку блиску?
(О)Милена | Црнобело