Морничави трилери од кои ќе посакате страница повеќе за читање
„Најдоброто кино во светот е мозокот, а тоа ќе го сфатите кога ќе читате добра книга.“ Овие три нови книги ја имаат таа моќ – да си направите „филм“ во главата, филм кој нема да сакате да заврши.
Доколку вашиот омилен книжевен жанр е трилерот, предлагаме три одлични книги од кои ќе посакате да има уште страници за читање:
Мојата сестра, сериски убиец – Ојинкан Брејтвејт
Ајола е омиленото дете, најубавата ќерка, но веројатно и социопат. Кореде е нејзината сестра која добива телефонски повик од Ајола и таа знае што се очекува од неа: белило, гумени ракавици, нерви од челик и силен стомак.
Ова е третото момче на Ајола по ред – „убиено во самоодбрана“ и со тоа официјално трета збрка што нејзината сестра треба да ја расчисти.
Кореде веројатно би требало да оди во полиција, но ја сака својата сестра и како што велат: семејството секогаш на прво место. Морничав трилер преполн со црн хумор и сатира, приказна за љубовта, но и остра критика на семејните односи во современото општество.
Сопругата на детективот – Мирјана Проданова
1994 година: Лидија е млада девојка од фино семејство, кога го запознава малку постариот детектив Димитар и веднаш се вљубува во него.
Не може да поверува колку е привлечен, колку е културен, колку е мажествен, а таа од друга страна, млада, наивна, неискусна. Кога тој покажува интерес за неа, просто не може да си поверува на среќата. Но дали е сè така како што изгледа?
2014 година: Лидија е во затвор, а Димитар е мртов. Никој не знае што точно се случило. Таа на суд сведочи дека со години била жртва на семејно насилство и тврди дека била принудена да го убие сопругот во самоодбрана, но никој не ѝ верува. А можеби и не треба…
Што направи?! – Клер Мекгован
Али има живот каков што посакувала отсекогаш, кариера со која може да се гордее и прекрасно семејство со нејзиното момче од средно, сега сопруг.
Но, таа вечер, на повторната средба со шестмината најдобри пријатели од средното училиште, нејзината најдобра пријателка искажува шокантно обвинение по кое ништо нема да биде исто.
Кога Карен влегува од градината, крвава и повредена, тврди дека била нападната од сопругот на Али, Мајк. Али мора да одлучи веднаш: кому да му верува? На нејзиниот преплашен сопруг или на најдобрата пријателка? Мајк раскажува сосем поинаква верзија на настаните, Али знае дека еден од нив лаже – но кој?
(О)Милена | Црнобело