Во чест на роденденот на Агата Кристи - најдобрите книги што треба да ги прочитате
Куќата на злото
Софија заедно со нејзиниот сопруг Чарлс ќе направи сè за да дознае кој го убил нејзиниот сакан дедо Аристид Леонидес. Но, во текот на нивната истрага на површина ќе испливаат многу мрачни неоткриени тајни и мистерии во семејството...
Отворени карти
Поаро е поканет на вечера кај колекционерот Шаитана кој му ветува дека таа вечер Поаро ќе ја види неговата ексклузивна „колекција на Убијци“. На вечерата се присутни доктор, писателка, млада госпоѓица, полковник, како и еден полицаец. По вечерата докторот, писателката, полковникот и госпоѓицата играат партија бриџ…
Вечерта е речиси совршена сè до моментот кога нивниот домаќин, г. Шаитана е пронајден мртов.
Анализирајќи го нивниот начин на играње бриџ, Поаро се обидува да го открие убиецот.
Убиството на Роџер Акројд
Во малото село Кинг Абот постои приказна дека старата госпоѓа Ферарс го убила својот прв сопруг, па поради тоа била уценувана, како и тврдењето дека имала тајна афера со господинот Роџер Акројд.
И одеднаш Акројд е пронајден мртов на големо изненадување на сите… ова е еден од најконтроверзните детективски романи полн со изненадувања, кој ги крши сите правила на „писателската игра“. Кој е убиецот на Роџер?
Десет мали црнци
Оригиналниот наслов на книгата е And then there were none, а ќе ја пронајдете и под насловот Десет мали индијанци.
Десет луѓе кои се странци еден за друг, се поканети на остров од страна на мистериозниот домаќин U.N. Owen, кој всушност никој од присутните не го познава. За време на вечерата, првата вечер, снимен на плоча гласот на нивниот домаќин сите до еден ги обвинува за убиства и се заканува со одмазда.
Еден по еден гостите умираат според стиховите на една морничава песна. Сите знаат дека некој од присутните, чиј број постојано се намалува, е убиецот, но кој?
Смрт на Нил
Линет Риџвеј е млада и убава наследничка на огромно богатство, но има и многу непријатели. Меѓу луѓето што ја мразат е и Жаклин де Белфор, чиј згоден свршеник, Сајмон Дојл, Линет ѝ го „украла“ и се венчала со него. Жаклин љубоморно ги следи младенците на нивниот меден месец во Египет.
Но, смртта надвиснува над Нил: Линет е убиена, по што следуваат и други убиства. Херкул Поаро стапува на сцената за да ја реши мистеријата.
(О)Милена | Црнобело