Млечно-медената поезија на Рупи Каур е кратката зен-медитација која ви е потребна во денот
Книгата „Млеко и мед“ од авторката и илустраторка Рупи Каур е најпродаваната колекција на поезија и проза според Њујорк Тајмс. Продадена е во повеќе од 2,5 милион примероци низ светот и преведена на повеќе од 30 јазици.
Составена од 4 дела, оваа збирка поезија зборува за повредувањето, сакањето, раскинувањето и зацелувањето.
Секое поглавје се справува со различни типови на болка кои ве водат на патување низ најгорчливите, но и најслатките моменти од животот. Со еден збор – низ сè она што вреди да се проживее.
Најголемиот дел од поемите се кратки, совршени зен-медитации кои кријат длабочина и филозофии кои може да ги расклопувате и склопувате во моментите кога сте сами, тогаш кога го чекате изгрејсонцето или зајдисонцето, сеедно.
Рупи Каур е родена на 4 октомври, 1992 година во Индија, која како дете емигрирала во Канада со своето семејство. „Млеко и мед“ е нејзиното првенче издадено во 2014 година. Нејзината втора книга „Сонцето и нејзините цвеќиња“ е објавена 3 години подоцна.
Зошто „Мед и млеко“ е толку посебна? Ова се дел од стиховите, па проценете самите:
Помислата дека сме
Толку кадарни за љубов
А сепак избираме
Да бидеме токсични
Кога мајка ми беше бремена
Со второто дете јас имав четири
Покажав кон нејзиниот потечен стомак збунета како
Мајка ми станала толку голема за толку кратко време
Татко ми ме крена со своите огромни раце и
Рече дека најблиското нешто до Господ на земјава
Е женското тело од кое доаѓа живот
Тоа што возрасен човек ми кажа нешто
Толку моќно на толку рана возраст
Ме промени да согледам дека целиот универзум
Почива пред нозете на мајка ми
Ти си тенката линија
Помеѓу вербата
И слепото чекање
Можеби не беше мојата прва љубов
Но ти беше љубовта што ги направи
Сите други љубови
Безначајни
Твоето име е
Најсилното
Позитивно и негативно
Значење на кој и да е јазик
Или силно ме осветлува
Или ме остава во болка со денови
Не заминав затоа што
Престанав да те сакам
Заминав затоа што колку подолго
Останував сè помалку
Се сакав себеси
Начинот на кој
Заминуваат
Ти кажува
Сè
Можеби
Не заслужувам
Фини нешта
Затоа што плаќам
За гревови на кои
Не се сеќавам
Треба милост
Да се сочува љубезноста
Во сурови ситуации
Сите се раѓаме
Толку прекрасни
Најголемата трагедија е
Што им успева да нè убедат дека не сме
(О)Милена | Црнобело