Најдоброто од Елиф Шафак – турска писателка со беспрекорен талент за заведување на читателите
Најнаградуваната и најчитаната современа турска писателка Елиф Шафак е воедно професор, политиколог. Родена е во 1971 година во Стразбур, Франција.
Нејзиниот космополитски дух се должи на годините поминати во многу држави со својата мајка којашто била дипломат по професија. Но, Шафак длабоко е поврзана со Истанбул, каде што живее заедно со сопругот и двете деца.
Шафак пишува на турски и англиски, а нејзините дела се преведени на повеќе од четириесет јазици.
Автор е на 13 книги, а во нејзините дела напишани во духот на мистичниот реализам, се провлекуваат историјата, мултикултурализмот, хуманизмот, родовите права и суфизмот, во кои ги испреплетува усните преданија на Истокот и пишаниот збор на Западот.
Што да прочитате од оваа неверојатно талентирана турска писателка?
ЧЕТИРИЕСЕТ ПРАВИЛА НА ЉУБОВТА
Две паралелни приказни – едната современа, а другата историска.
Ела Рубинстајн е 40-годишна несреќно омажена домаќинка што добива ангажман да прочита и да напише извештај за Слатко безбожништво – историски роман за судбоносната средба на исламскиот учител Руми и неговиот духовен водач, ексцентричниот дервиш скитник познат како Шемс од Тебриз.
Таа започнува да се допишува со мистериозниот автор Азиз З. Захара - фотограф, светски патник и суфист.
Низ приказната за контроверзното духовно пријателство и улогата на дервишот во длабоката преобразба на Руми во посветен мистик, страстен поет и поборник за љубовта, и самата Ела доживува трансформација, сфаќајќи дека Азиз, исто како Шемс, дошол да ја ослободи.
ЧИРАКОТ НА АРХИТЕКТОТ
Заедно со необичниот дар за султанот, во отоманската престолнина пристигнува и малиот Џахан, кој го има само Чота, мудар и редок бел слон. Како скротувач во царската менажерија, тој се спријателува со султановата ќерка Михрима и се вљубува во неа.
По игра на судбината, момчето го запознава главниот царски архитект Синан, кој го зема под своја закрила, и заедно со слонот ги создаваат највеличествените градби во историјата. Но, додека ги градат овие ремек-дела, меѓу четворицата чираци на мајсторот се јавува љубомора и ривалство.
КОПИЛЕТО ОД ИСТАНБУЛ
Преку јасна и сликовита приказна што се одвива во Турција и во Америка, Шафак го открива турбулентното минато на својата земја.
Централното место го има „копилето“ од насловот, Асја, 19-годишна девојка што ги обожава Џони Кеш и француските егзистенцијалисти.
Сагата продолжува со четирите сестри во фамилијата Казанџи што живеат под ист покрив во Истанбул: Зелиха, мајката на Асја, бунтовната и своеглава најмала сестра што држи салон за тетовирање; Бану, која неодамна ја открила „гатачката“ во себе; Џеврие, вдовица и наставничка по национална историја и Фериде, хипохондрик која е опседната со неизбежни катастрофи.
(О)Милена | Црнобело