Возбудливи крими-трилери чии страници се вртат самите
За сите љубители на драматичните, напнати трилери испреплетени со добра крими-приказна, ви предлагаме 3 нови книги чии страници како да се вртат самите.
Ќе заборавите на сè околу вас и нема да забележите кога поминало времето додека сте читале.
А времето потрошено во читање никогаш не е залудно потрошено време.
Што да читате на почетокот на летната сезона?
Жената на прозорецот - Фин А. Џ.
Ана живее самотен живот. Поради нејзината состојба таа не може да излегува од сопствениот дом, а најголем дел од времето е на седативи и под дејство на алкохол.
Кога отспротива ќе се досели навидум совршеното тричлено семејство, Ана ги шпионира и нив од прозорецот како и останатите соседи, поради досадата и самотијата со која се соочува секојдневно. Но, една вечер ќе здогледа нешто што не треба да го види.
Што е реалност, а што илузија? Дали некој е во опасност?
Гробна тишина - Арналдур Индридасон
Ова е вториот роман на исландската писателка, повторно со детективот Ерлендур како главен лик.
Се мешаат неколку различни жанрови кои го прават секојдневието во Исланд уште помрачно и потензично.
На ненаселените ридови во периферниот дел на Рејкјавик е пронајден човечки скелет.
Која е жртвата? Кој е мотивот, а кој – злосторникот? Детективот тргнува во потрага по вистината, одмотувајќи го клопчето на мистеријата во која се испреплетени неколку различни конци истовремено.
Жртвата Поликсена - Марта Гузовска
Група археолози откриваат женски скелет посипан со златни ливчиња. Тој е идентификуван како митската Поликсена, робинката на Ахил.
Додека групата се радува на пронајдокот, се случува свежо злосторство. Една од колешките е убиена со пресечено грло, а нејзиното тело е поставено на архаичен олтар.
Дали некој се обидува да принесе човечка жртва според инструкциите на прастар ритуал?
(О)Милена | Црнобело