Три нови наслови за совршено бегство од реалноста
„Читаме за да сфатиме дека не сме сами“. Токму така, со читањето сфаќаме дека сите сме исти, сите сме луѓе и сите се соочуваме со истите проблеми, стравови и недоумици.
Овој пат за вас имаме три нови наслови кои претставуваат совршено бегство од реалноста која нè опкружува.
Ви останува само да ја отворите првата страница и да се вовлечете во цел еден нов свет во кој мозочните клетки се полнат со нови знаења и искуства:
Семејството на Симон - Маријане Фредриксон
Симон Ларсон има необично чувство дека не се вклопува во светот во кој живее. Тој има очајна потреба да се поврзе со некого, бидејќи сè што чувствува е носталгија и осаменост, и покрај прекрасното семејство кое му е целосно посветено.
Сепак, тие кријат страшна тајна од нивниот син и доколку се открие може да ги уништи.
Додека Втората светска војна беснее низ Европа, Симон започнува пријателство со евреинот Исак Лентов од неговото училиште.
Ова пријателство засекогаш ќе ги промени двете момчиња и нивните семејства.
Каменувана - Томас Енгер
Оригинален и моќен крими-роман, со типичен скандинавски шмек, оваа неверојатна приказна е оценета како „норвешкиот одговор“ на Стиг Ларсон (Девојката со тетоважа на змеј).
Во еден шатор во паркот е пронајдено тело на убиена и каменувана девојка. Таа е закопана до половината, а новинарот Хенинг го презема случајот.
Тој се бори со сопствените демони откако пред 2 години го изгубил својот син во страшен пожар. За разлика од полицијата, Хенинг започнува да се сомнева дека случајот е многу позаплеткан отколку што се мисли.
Тажна приказна за среќни луѓе - Андреј Волкашин
Стана е немоќна старица која секој ден се буди во различен момент од својот живот. За неа времето не тече нормално, туку по невообичаен редослед.
Еден ден таа е безгрижна 14-годишна девојка која трча по полето, а наредниот мајка која се обидува да го одржи мирот и љубовта помеѓу своите деца кои се раскарани поради различните политички идеологии.
Стана е како патник низ времето, а нејзината публика се магепсаните заспани луѓе во едно мало македонско гратче.
(О)Милена | Црнобело