3 трилери од Роберт Ладлам кои ќе ве држат во неизвесност до последната страница
Роберт Ладлам е најпродаваниот писател на трилери на сите времиња, со повеќе од двесте милиони продадени примероци. Ако сте љубител на книгите со многу интриги кои ќе ве држат во неизвесност до последната страница, ви нудиме три романи од Ладлам кои откако ќе ги прочитате ќе им ги препорачате и на пријателите.
Мајсторот на трилер романите, Роберт Ладлам, во својата долга кариера напиша 27 книги, од кои повеќето се бестселери. Неговите ликови се одлично осмислени, комплексни, а приказните честопати се поврзуваат со вистински настани од минатото.
И токму тоа ги прави романите на Ладлам интригантни и лесни за читање – колку од напишаното е фикција, а колку реалност?
Ова се три приказни за тројца херои на Ладлам, чија судбина и животни одлуки ќе ве држат во неизвесност до последната страница:
„Кодот на Алтман“
Среде ноќ во мрачните пристаништа на Шангај, еден фотограф успева да направи низа фотографии на мистериозен карго контејнер кој отпловува во голема тајност. Но, некој ќе го забележи, и фотографот е убиен, а неговата камера уништена.
Брзо потоа директорот на Covert One, Џон Смит, му соопштува на претседателот на САД неофицијални податоци за кинески карго брод за кој се верува дека пренесува тони хемиски материјал и плови кон Ирак.
Бродот полека пристигнува до својата цел, а Смит, во голема трка со времето, се обидува да ја открие вистината за бродот, вистина која истовремено ги разоткрива најдлабоките тајни за кинеските владејачки партии, фракцијата во Вашингтон и меѓународната завера која само што не довела до нова војна.
„Ракописот на Чанселор“
Овој роман е спој на вистина и фикција, а раскажува за наводните тајни досиеја на Џ. Едгар Хувер, некогашниот директор на ФБИ, кои исчезнале по неговата смрт.
Питер Чанселор е успешен автор на политички трилери, кој пишува фиктивно дело кое делува премногу реално. Идејата за Чанселор да ја напише својата последна книга потекнува од еден американски амбасадор, кој го убедува Питер дека работите што ги знае мора да излезат на виделина.
Питер не знае дека амбасадорот е дел од група наречена Инвер Брас, која всушност ги поседува овие досиеја и може да одлучи кои луѓе од врвот на американската политичка сцена ќе живеат, а кои ќе бидат убиени – затоа што знаат премногу.
„Крикот на Хелидон“
Докторот на науки, Алекс Меколиф, добива понуда што не може да ја одбие – 2 милиона долари за геолошко истражување на Јамајка.
Него го плаќа најголемиот лондонски конгломерат „Данстон лимитед“ кои од него бараат експертско знаење, но и да не каже никому дека тие го финансираат истражувањето.
Сепак, за понудата од „Данстон лимитед“ знае Британската тајна служба – тие му кажуваат на Алекс дека претходниот тим што тргнал на истата експедиција на Јамајка, исчезнал без трага.
Бидејќи не може да се откаже, Алекс оди на Јамајка, свесен дека опасноста доаѓа од сите страни, а дека животот може да му го спаси само еден збор – Хелидон.
А. Ј. | Црнобело