Го гледав македонскиот филм „Сестри“ на Нетфликс - има моќна порака, зошто вреди да го погледнете?

Филмот „Сестри“ накратко ве враќа во тинејџерските години и ве става во нов контекст – во времето кога еден „лајк“ е единица мерка за успех и популарност, а врсничкото насилство зема особен замав преку сајбербулингот. Зошто овој филм вреди да се погледне?

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-01.jpg

Филмот „Сестри“ (Sisterhood) на македонската режисерка Дина Дума е првиот македонски филм што се емитува на платформата Netflix.

Освен тоа што ја доби Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, „Сестри“ е и македонски кандидат за Оскар.

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-02.jpgФото: Facebook/ KVIFF

Го погледнав филмот - кои се моите впечатоци?

Накратко ќе се обидам да ги соберам најважните поенти без притоа да се обидам да прераскажам премногу од содржината на филмот. Таман колку да ве заинтересирам да го погледнете, но да не ви го растурам уживањето.

Дина Дума досега работела како режисерка на повеќе епизоди од мегапопуларната ТВ серија „Преспав“, а „Сестри“ е нејзино прво самостојно филмско остварување, каде се потпишува и како сценарист.

За разлика од другите проекти каде работела со искусни актери, во „Сестри“ работи со тинејџери, актери што за првпат се на големото платно, но маестрално ги одиграа улогите.

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-03.jpg

Дума во минатото изјави дека филмот е инспириран од вистински настан додека таа била ученичка во средно училиште, но содржината во голема мера го надминува времето.

Ги следи работите што биле вообичаени за многу генерации наназад: журки, дружења, проблемот со врсничкото насилство, понижување на девојчињата и го става во контекст на модерното време.

Филмот покажува како денес еден „лајк“ е основна мерна единица за успех и популарност и како за еден „лајк“ на Инстаграм и ТикТок младите се подготвени да се впуштат во опасни ситуации што во голема мера се и животно загрозувачки.

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-04.jpg

Носталгично ја гледав сцената каде двете другарки ја пеглаат косата со обична пегла за облека и се присетив на времето од почетокот на 2000-тите кога и јас самата бев тинејџерка, а пеглите за коса беа луксуз, па секоја вечер со другарките пред излегување се пеглавме со старата пегла на мајка ми.

Ме присети на тоа како е да се трудиш да им се допаднеш на другите, да направиш сè за да бидеш „кул“ и за да се вклопиш. На тоа како е да одиш против себеси и да правиш работи што не ти се допаѓаат само за да не останеш без другари.

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-05.jpeg

Но, освен што ме врати наназад, „Сестри“ ми залепи шлаканица и ме освести да сфатам во колкава мера нештата се промениле.

Иако „булингот“ отсекогаш постоел и речиси отсекогаш учениците и ученичките се делеле на оние што се „ин“ и „аут“, на главни фаци и отпадници, во поново време децата не се соочуваат само со „булинг“, туку со „сајбербулинг“.

Сајбербулингот е инстантен, се проширува брзо и со еден клик нечиј живот во целост е уништен.

Заборавете на старото чкртање по ѕидови и озборување во училиштата, денес децата не можат да здивнат од малтретирање, доволна е само една нотификација на телефон, па нивните агресори се сеприсутни: во домот, на улица, на тренинг...

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-06.jpg

„Сестри“ е филм што го следи женското пријателство, филм за соперништвото, љубомората, но и за денешницата во која што живеат и ќе живеат нашите деца.

Нè освестува и нè потсетува дека тоа лошото не им се случува само на некои други луѓе (од побогатите земји) туку истото се случува и овде во нашата мала земјичка каде луѓето едвај сврзуваат крај со крај.

Она што особено ми остави впечаток во филмот е продукцијата. Начинот на кој е направен филмот, со чисти кадри, подводни сцени, мешавина помеѓу интернет реалност и реалност.

Спојот на сценографијата и реалноста. Без вештачки ефекти и со чиста слика, „Сестри“ ја доловува сегашноста.

makedonskiot-film-sestri-na-dina-duma-ima-mokjna-poraka-zoshto-vredi-da-go-poglednete-07.jpg

„Сестри“ е филм што мора да се погледне за да ве освести во каква „сајберреалност“ живееме и колку „сајбербулингот“ е опасен за нас и за нашите деца.

Да ве потсети на времето во кое сте растеле и да ви даде увид во тоа колку работите еволуирале.

Што се подготвени да направат младите за да добијат еден „лајк“ додека родителите се преокупирани со сопствената борба за егзистенција и со сопствените трагедии.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Хали Бери не се туширала, Кристијан Бејл јадел живи црви: Одвратни работи што актерите ги направиле ... За да го долови очајот на неговиот лик на затвореник во Rescue Dawn, Кристијан Б...
10-те најгледани филмови на Нетфликс за 2024-та досега Новиот научнофантастичен филм на Џеј Ло, како и морничавиот шпански филм снимен ...
Актери со огромна (и вознемирувачка) возрасна разлика кои глумеле романтични парови Гвинет Палтроу имаше само 26 години кога глумеше во Perfect Murder со тогаш 54-г...
Илуминати, фотографии од разголени жени – „Скриени“ пораки во постарите анимирани филмови на Дизни Во кадар од постара верзија цртаниот филм The Rescuers, јасно се гледа фотографи...
10 филмови со силни и инспиративни жени во главните улоги Бремена тинејџерка која носи тешка одлука за најдоброто на нероденото дете, сред...
Рајан Гослинг и уште 8 познати актери кои добиле отказ од филм (и зошто) Меган Фокс го навреди режисерот на серијалот Transformers, го спореди и со Хитле...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg