Хорор филмови базирани на вистински приказни од кои ќе ве полазат морници

Главните ликови од The Conjuring навистина постоеле и им помагале на семејства во опседнати куќи, а The Exorcist of Emily Rose е направен според една од најморничавите вистински приказни.

horor-filmovi-bazirani-na-vistinski-mornichavi-prikazni-od-koi-kje-ve-polazat-mornici-01.jpg

Можеби сте храбри кога станува збор за хорор филмови и не можете да се исплашите од духови, чудовишта и што уште не, но сигурно не ви е сеедно кога гледате морничав филм направен според вистинска приказна.

Во продолжение дел од најстрашните хорор филмови и вистинската приказна што ги инспирирала:

The Conjuring

Во филмот чие дејство е сместено во 1970 година, паранормалните истражувачи Ед и Лорејн Ворен одат во домот на Керолин и Роџер Перон и нивните пет деца.

Семејството неодамна се преселило во изолирана куќа и почнале да им се случуваат натприродни работи. Ед и Лорејн се на мисија да откријат дали нивната куќа е опседната и што точно се случува.

Во реалноста, Ед и Лорејн биле вистински личности, поврзани со најпознатите приказни за опседнување од САД. Парот има напишано и неколку книги од многуте натприродни искуства.

Иако се нарекувани и измамници, многу луѓе се убедени дека она што го зборуваат е вистина.

Horor-filmovi bazirani na vistinski mornichavi prikazni od koi kje ve polazat mornici-02.JPG

The Conjuring 2

Во второто продолжение повторно ги гледаме Ед и Лорејн Ворен, овојпат додека се обидуваат да ѝ помогнат на една самохрана мајка која е убедена дека во нејзиниот дом има некакво зло.

Приказната за филмот е инспирирана од случај во Лондон од периодот 1977-1979 година, но во реалноста Ед и Лорејн не работеле на случајот.

Наводно, во куќата на мајката и нејзините деца се случувале чудни работи – од необјасниви гласови и звуци, сè до движење на предмети и покуќнина.

Според приказната на мајката, сè започнало кога им рекла на двете ќерки (11 и 12 години) да си легнат, но почнала да слуша морничави звуци. Кога отишла во нивната соба, ги нашла и двете стуткани на подот со преплашен израз на лицата.

По некое време, „злото“ во куќата го опседнало едното девојче и неретко зборувало со многу длабок глас, изјавувајќи дека е маж по име Бил Виклинс. Подоцна се покажало дека во куќата навистина живеел тој маж.

Многумина се убедени дека приказната не е вистинита, но мајката и девојчињата тврдат дека ја зборуваат вистината.

Horor-filmovi bazirani na vistinski mornichavi prikazni od koi kje ve polazat mornici-03.JPG

Серијалот Annabelle: Annabelle, Annabelle: Creation и Annabelle Comes Home

Главниот негативец во трилогијата е познатата кукла Анабел која е опседната и ги измачува, па дури и ги убива луѓето што ја чуваат.

Филмовите се морничави, а уште поморничава е вистинската приказна за куклата.

Ед и Лорејн Ворен што ги спомнавме претходно биле вклучени во овој случај. Според нив, во 1970 година, девојка која учела за медицинска сестра ја добила куклата како подарок.

Кога почнала да забележува дека се случуваат чудни работи во домот, отишла кај бајачка која ѝ рекла дека куклата е опседната со духот на починато девојче по име Анабел.

Девојката и нејзината цимерка решиле да не ја фрлаат куклата и, на некој начин, да се поврзат со неа, но во домот продолжиле да се случуваат чудни нешта. Тогаш тие ги контактирале Ед и Лорејн кои утврдиле дека куклата е опседната со демон, па ја зеле во нивниот дом за да ги спасат девојчињата.

Horor-filmovi bazirani na vistinski mornichavi prikazni od koi kje ve polazat mornici-04.JPG

The Amityville Horror

Во филмот, маж и жена се вселуваат во голема и убава куќа во Амитивил, САД, која ја купиле по многу ниска цена.

Но, набрзо сфаќаат дека ниската цена е поради мрачната историја на куќата – човек кој живеел таму си го убил семејството бидејќи бил опседнат. По ова, семејството најмува свештеник да им помогне.

Убиството во куќата во Амитивил навистина се случило, и тоа во 1974 година. Убиецот бил дете, кое ја зело пушката на татко си и го убило целото семејство.

Подоцна детето изјавило дека го убило семејството по наредба од гласовите во куќата.

Една година подоцна, во куќата се вселило семејство кое наводно забележало натприродни случувања, како будење точно во 3:15 наутро и звуци од пушка.

По само 28 денови, тие се иселиле, па денес никој не се осмелува да се всели во куќата.

Horor-filmovi bazirani na vistinski mornichavi prikazni od koi kje ve polazat mornici-05.JPG

Veronica

Главниот лик, Вероника, пробува да комуницира со духови со таканаречената окултна табла, по што почнуваат да ѝ се случуваат морничави нешта.

Филмот е инспириран од вистинска случка – смртта на Естефанија, тинејџерка од Шпанија, која до денес не необјаснета.

Наводно, во 1992 година, Естефанија си направила сеанса со таблата во нејзиното средно училиште, а само неколку месеци подоцна умрела во болница. Тој период девојката имала напади и тврдела дека гледа некакви сенки.

За ситуацијата да биде уште поморничава, една година по смртта, нејзините родители се јавиле во полиција бидејќи и тие забележале некакви сенки во домот.

Полицајците не им верувале, но кога отишле во домот почнале да слушаат чудни звуци, а во извештајот само навеле дека целата ситуација е мистериозна.

Horor-filmovi bazirani na vistinski mornichavi prikazni od koi kje ve polazat mornici-06.JPG

The Exorcism of Emily Rose

Во филмот, студентката Емили Роуз е опседната од демон кој постојано ја мачи. Филмот е доста морничав, уште повеќе поради тврдењата дека станува збор за вистинска приказна.

Во реалноста, девојката се викала Аналиса Мишел, а на 17-годишна возраст почнала да ги забележува првите „симптоми на опседнатост“. На лекар ѝ дијагностицирале епилепсија и ѝ препишале терапија, но залудно.

Аналиса продолжила да има напади, халуцинирала и слушала глас кој ѝ вели дека е грешница. Поради страшната ситуација паднала во депресија и се свртела кон религијата. Очајна за помош, Аналиса се молела по 600 пати дневно, поради што си ги разранила колената.

До 23-годишна возраст Аналиса сменила секакви лекови кои не ѝ помогнале. Во период од 10 месеци ѝ биле направени 67 егзорцизми, за набрзо потоа да престане да јаде и да умре од глад во 1976 година.

По смртта, нејзините родители и свештениците што ги изведувале егзорцизмите беа осудени за убиство од небрежност бидејќи ѝ дозволиле да гладува, но многумина се убедени дека во целата ситуација навистина имало некакво зло.

Horor-filmovi bazirani na vistinski mornichavi prikazni od koi kje ve polazat mornici-07.JPG

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Леонардо ди Каприо почнал да глуми на 5 години - Кои се првите улоги на холивудските ѕвезди? Леонардо ди Каприо имал само 5 години кога првпат се појавил на телевизија, Ната...
Хали Бери не се туширала, Кристијан Бејл јадел живи црви: Одвратни работи што актерите ги направиле ... За да го долови очајот на неговиот лик на затвореник во Rescue Dawn, Кристијан Б...
10 филмови на Нетфликс снимени според вистински приказни First They Killed My Father е потресен филм во режија на Анџелина Џоли кој ја по...
Со кој романтичен филм да се опуштите викендов, според хороскопскиот знак? Рибите ја ценат романтиката, но исто така сакаат и да мечтаат. Музичките секвенц...
Адам Сендлер е на врвот – Кои се најплатените актери за 2023-та? Веројатно на листата очекувате имиња како Марго Роби и Леонардо ди Каприо, но ви...
Актери со огромна (и вознемирувачка) возрасна разлика кои глумеле романтични парови Гвинет Палтроу имаше само 26 години кога глумеше во Perfect Murder со тогаш 54-г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg