„Ќе ми недостасува да претепувам помлади од мене“ – Лиам Нисон се пензионира од акциони филмови
Можете ли да замислите крај на ерата на акциони филмови во кои главниот херој е омилениот Лиам Нисон? Годините на актерот не му дозволуваат да продолжи со вакви улоги, иако признава дека ќе му недостасуваат сцени во кои „претепува“ двапати помлади актери од него.
Актерот вели дека годините не му дозволуваат да продолжи со снимање на акции, а по завршувањето на неколку планирани, веројатно ќе се пензионира.
„Имам 68-ипол години – 69 ќе наполнам оваа година. Има уште неколку филмови што ќе ги работам годинава – со надеж дека КОВИД ќе ни го овозможи тоа – има уште неколку што чекаат на ред, и потоа мислам дека тоа ќе биде тоа. Освен ако сум на помагало за движење или нешто...“ – изјави актерот во интервју за Entertainment Tonight.
Неговите фанови веднаш го препознаваат неговиот глас во филмските сцени, а тој најчесто игра улога на човеч што се бори против лошите момци, ментор, тренер, фигура на татко и херој од реалноста. Нисон е познат и по тоа што многу каскадерски сцени во акционите филмови ги изведува сам.
Во неговата долгогодишна кариера која започна од '70-ите години, тој има една номинација за Оскар, три за Златен Глобус и една за БАФТА, а има добиено бројни награди во индустријата.
За филмската публика е познат по улогите во Schindler's List, трите дела на Taken, The Next Three Days, The Commuter, Non-Stop и уште многу други.
Иако според неговата изјава, годините веќе не му дозволуваат да игра во акциони филмови, сепак открива дека ќе му недостасува „претепувањето“ на помлади актери од него во филмски сцени.
„Само што завршив со снимање во Австралија и имав сцена со тепање со дете – прекрасен актер кој се вика Тејлор. На средина од тепачката сцена, погледнав нагоре, веќе губев здив, а тој ни да трепне. Му реков, Тејлор, колку години имаш? Тој рече – 25. Му одговорив – Толку години има мојот најстар син...“ – открива тој.
М. М. | Црнобело