Parasite руши рекорди, но и нашиот Honeyland: 11 интересни факти за Оскарите 2020
Време: 10 февруари, 2020 година. Место: театарот Долби, Лос Анџелес, Калифорнија. Настан: Оскари.
Нè дели само еден ден од најпрестижната филмска манифестација, а се чини дека малата временска разлика помеѓу Бафта наградите и Оскарите не му остави доволно време на Хоакин Феникс да го однесе на хемиско чистење неговиот најчесто носен костум на црвениот килим.
„Џокерот“ е еден од најголемите фаворити во повеќе категории, но конкуренцијата е огромна.
Нашите погледи ќе бидат секако насочени кон македонската гордост „Медена земја“, номиниран во 2 категории: најдобар документарен филм и најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Кои се најинтересните факти од овогодишните Оскари?
Скарлет Јохансон стана дел од мошне ексклузивен клуб
Во историјата на оскарите, Скарлет е само 12-тата личност која има добиено 2 номинации во иста година. Таа е номинирана за најдобра актерка во главна улога за филмот Marriage Story и најдобра актерка во споредна улога во филмот Jojo Rabbit.
Поминаа 15 години како се немаат поклопено номинациите за најдобра актерка и најдобар филм на годината
Многу ретко се случува актерката во најдобра женска улога да земе Оскар, а истовремено и филмот за којшто е номинирана да земе Оскар. Последниот ваков случај беше во 2004 година со Хилари Свонк и филмот Million Dollar Baby.
Фаворитот за најдобра женска главна улога, Рене Зелвегер има шанси да земе Оскар за филмот Judy, но филмот воопшто не е номиниран во соодветната категорија.
Од друга страна пак, Серша Ронан е номинирана за главна женска улога во Little Women (како и самиот филм во соодветната категорија) и Скарлет Јохансон за најдобра главна женска улога како и филмот во кој глуми (Marriage Story).
Синтија Ериво е на чекор од титулата „EGOT“
EGOT е всушност акроним за наградите: Еми, Греми, Оскар и Тони наградата.
Доколку 33-годишната актерка добие Оскар за главна женска улога во филмот „Harriet“ ќе стане најмладата која се закитила со ова признание, после Роберт Лопез кој го исполнил „квадрантот“ во 2018 година на 39-годишна возраст.
Доколку Сем Мендес се закити со Оскар, тоа ќе биде најголемата временска разлика помеѓу 2 победи на ист режисер.
Новокрунисаниот витез, Сер Сем Мендез го освои оскарот во 2000 година за филмот „American Beauty“ и „само“ 20 години подоцна може да триумфира повторно со Оскар за историската сага „1917“.
За Оскар ќе се натпреварува и брачна двојка
Грета Гервиг и Ноа Баумбах кои започнаа да се гледаат во 2011 година и имаат дете заедно се номинирани за: најдобро адаптирано сценарио (Гервиг) за Little Women и најдобро оригинално сценарио (Баумбах) за Marriage Story.
Toy Story 4 може да ја продолжи традицијата со Оскар по Toy Story 3
Иако стануваше збор за третиот дел од франшизата, „Приказната за играчките“ го доби Оскарот за најдобар анимиран филм во 2001 година.
Доколку и четвртиот дел го освои Оскарот, ова ќе биде уште едно анимирано продолжение кое добило Оскар. Сепак, конкуренцијата е голема, особено покрај ремек-делото Klaus.
Parasite ги руши рекордите
Ова е првиот корејски филм кој добил номинација во категоријата „најдобар филм“ и само шестиот во историјата кој истовремено е номиниран во споменатата категорија и „најдобар интернационален филм“.
Просечната возраст на актерите номинирани за најдобра машка споредна улога е 71
Минатата година просечната возраст во оваа категорија изнесуваше 49. Оваа година во категоријата се борат Том Хенкс (63), Бред Пит (56), Џо Пеши (76), Ал Пачино (79) и Ентони Хопкинс (82).
Ford v Ferrari е првиот филм со автомобилски трки номиниран за Оскар
Ова можеби нема да ви звучи особено интересно, но многу квалитетни филмови од овој жанр низ годините воопшто и не добија номинација, како на пример Rush, Grand Prix и Days of Thunder.
Дајана Ворен е 11 пати номинирана за најдобра оригинална песна…
…и сè уште не победила. Дел од претходните нејзини номинации се за песните How Do I Live (Con Air) во изведба на Лиен Рајмс, Аеросмит - I Don’t Want to Miss a Thing (од Armageddon) и песната There You’ll Be (од филмот Pearl Harbor) на Фејт Хил.
Дајана е номинирана по 11 пат во оваа категорија за песната I’m Standing With You од Breakthrough.
Македонскиот Honeyland е номиниран во две категории
Како што веќе споменавме, филмот во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска веќе се закити со неколку престижни награди, а двојната оскаровска номинација е цреша на шлагот.
Последната оскаровска номинација ѝ се случи на Македонија во далечната 1994 година за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
(О)Милена | Црнобело