Добри глумци, лоши приказни: Филмови кои ни ѕвездената екипа не ги спаси од пропаст
Не постојат формули, ниту пак правила за финансиски и критички успех во седмата уметност. Кога би постоеле, тогаш веројатно ниту едно кинематографско дело не би доживеало неуспех. Никогаш. А, тоа неретко се случува. Одредени филмови беа дочекани на нож, иако во нив играа дел од најзвучните актерски имиња на денешницата.
Некогаш е доволно да прочитате кој глуми во филмот за да го погледнете. Ако главната улога ја толкуваат Леонардо ди Каприо, Мерил Стрип или Роберт де Ниро, мора да е добар, зар не? А, доколку во истиот филм се појавуваат и Ал Пачино или Морган Фриман, тогаш веќе задолжително ќе се најде на репертоарот.
Водејќи се од таквата логика, режисерите и продуцентите во повеќе наврати се потпреа исклучиво на актерите. Мислеа дека славните имиња ќе им гарантираат успех на нивните дела. Ама, се покажа спротивното. Беа прогласени за промашувања, наспроти купот популарни глумци што продефилираа во нив. Од А до Ш.
Држи тезата дека за производот не се суди според амбалажата, книгата по корицата, а за филмот врз основа на кастингот. Најважна е содржината. Иако во секоја сцена се појавуваше барем една холивудска ѕвезда на екранот, тие сепак доживеаа тотално фијаско. Не ја воодушевија ниту критиката, а богами ни публиката.
Ова се деветте лоши филмови кои ни ѕвездената екипа не ги спаси од пропаст:
1. Gangster Squad
Сите ги сакаат Рајан Гослинг и Ема Стоун, нели? Филмот „La La Land“, во кој играше младата двојка, лани беше номиниран за дури 14 оскари. Но, да се потсетиме и на остварувањето во кое тие претходно се појавија.
Во „Gangster Squad “, тандемот беше појачан и од легендарниот Шон Пен. Но, ниту тој не можеше да му помогне на режисерот Рубен Флајшер.
Стилизираниот трилер за ’40-тите години на минатиот век, каде дејството се врти околу полицајци што се борат против мафијата, окарактеризиран беше како досаден и промашена инвестиција.
2. A New York Winter’s Tale
Од жанровски аспект, филмот е дефиниран како американска натприродна, фантастична и мистериозна романтична драма. Што ли и да значи тоа (?!). Колин Фарел го толкува ликот на бесмртен крадец кој заедно со љубовта се бори против демонскиот гангстер, отелотворен од актерот Расел Кроу.
За ова остварување не постоеше ни промил шанса да успее, а тоа се потврди и на билетарниците од кината. Толку многу киксна, што не поврати ни половина од вложениот буџет.
3. Movie 43
Најавен беше како урнебесна комедија, но жанрот што многу повеќе му прилега е хорор. Филмот во кој на Хју Џекмен му висат тестиси околу вратот, навистина не е вреден да се коментира.
Кога станува збор за ова дело, многумина и понатаму си го поставуваат прашањето: Како ли му успеа на режисерот да ги убеди и собере толку многу холивудски ѕвезди во волку ужасен филм?
4. The Big Wedding
Доколку веќе не сте го сториле тоа, не трошете си го времето гледајќи го филмот. Ова е еден од оние што треба да бидат смешни, а воопшто не се. Згора на сè, нема никаква поента.
Во кратки црти: разведени родители се преправаат дека и понатаму се во брак, во интерес на посвоениот син што наскоро ќе се жени. Зошто? Затоа што на свадбата треба да присуствува и неговата биолошка мајка, која е толку голема верничка, што разводот го смета за грев.
Изобилувајќи со предрасуди и непотребни сексуални сцени, ова остварување е за избегнување.