8 филмови кои треба да ги изгледате пред доделувањето на Оскарите
Се одбројуваат последните денови до магичната ноќ на Оскарите, во недела на 22-ри февруари, кога по 87-ми пат ќе бидат избрани најдобрите.
Возбудата е сè поголема, филмоманите веќе имаат свои фаворити и се чека уште официјалното прогласување.
Тоа е настанот за кој најмногу ќе се зборува во светот, па доколку сè уште не сте погледнале ниеден филм, добро е да одберете барем некој од номинираните во категоријата за најдобар филм.
1. „American Sniper“
Американски војник испратен на мисија во Ирак станува надалеку познат кај непријателската страна и за неговата глава се дава висока цена. Наспроти опасноста која му се заканувала Крис (Бредли Купер) извршува четири мисии следејќи го мотото „Никој не оставај зад себе“. Но откако се враќа дома, сфаќа дека се работи за војна во која не може да се победи.
2. „Birdman“
Еден славен актер од 90-тите пати по својата слава и заради тоа што веќе никој не го препознава. Сака по секоја цена да си го врати стариот живот, кога го играл ликот на херојот Birdman (Човек-птица), но тешко му успева. Упорно се надева дека може да направи нешто од себе и повторно да застане на сцената. Смета дека актерот е вистински само на сцената, а она што е надвор од неа е глума.
3. „Boyhood“
Претставен е развојот на едно момче од неговата петта до неговата осумнаесетта година, кое живее со неговата сестра и мајка, откако се разведени неговите родители. Сите промени кои му се случуваат, влијанијата кои ги има откако се враќа неговиот татко, сите чувства и мисли кои се типични за едно дете во развој се прикажани бавно, но детално. Филм кој трае нешто повеќе од 2 часа, но со оглед на тоа што е сниман 12 години со истите глумци, според нивниот реален и природен развој, вреди да му посветите внимание.
4. „The Grand Budapest Hotel“
Приказна за еден хотел кој од страна на еден писател е претставен како старо и досадно место, но откако ќе го посети по извесно време и ќе ја дознае приказната на неговиот сопственик, ќе се променат многу работи. Интересна комедија која раскажува како од помошник се станува сопственик, сите попатни случки, односот со гостите и мистериите поврзани со убиства и љубовни афери кои се кријат во нечие минато.
5. „The Imitation Game“
Квалитетна драма која го прикажува откривањето на енигмата во Втората светска војна, од страна на Алан Тјуринг, како еден од врвните научници, кој работејќи во група со избрани математичари, успева да програмира цела машина за откривање на кодот кој го испраќаат Германците, пред нападите во Англија. Времето вложено во откривањето на големата енигма која ја решава и војната, идеите, логиките и начинот на размислување ја одржуваат возбудата до самиот крај.
6. „Selma“
Историска драма која го следи величенствениот Мартин Лутер Кинг на неговиот историски марш низ градот Селма во Алабама. За цивилните права на Афроамериканците. Филм кој ги следи случувањата кои засекогаш ја измениле сликата на Соединетите Американски Држави.
7. „The Theory of Everything“
Филм за еден од најголемите умови на денешницата, Стивен Хокинг, од младите години до денес. Неговиот живот претставен преку раскажувањата на неговата жена Џејн, која е негова најголема поддршка во текот на целиот живот. Сè почнува кога тие се запознаваат додека студираат на Кембриџ, но многу скоро на Хокинг му е откриена тешка болест. Поради тоа, тој паѓа во депресија, станува одбивен, но Џејн не се откажува. Докторите му предвидуваат уште најмногу 2 години живот, но тој ги надминува сите медицински дијагнози и ден денес сè уште е жив. Прикажани се и сите негови брилијантни дела и изуми во областа на астрофизиката.
8. „Whiplash“
Вистинско ремек-дело кое ќе ве остави воодушевени. Музичка драма која зборува за патот до врвот и амбициозноста на еден млад џез тапанар, чија единствена цел е да достигне врвна слава и да биде запаметен. Учи на еден од најпрестижните универзитети, го поднесува садистичкото однесување на професорот, ги надминува сите граници, но не се откажува и вежба додека не му прокрварат рацете. Филм после кој ќе размислите колку може да ги надминете и сопствените граници.