Зошто Роки е вечна мотивација?
Сите ние имаме некој или нешто што секојдневно нè инспирира, нè мотивира и нè тера да продолжиме понатаму, без разлика на тоа колку е тешка ситуацијата во моментот. За нас, вљубените во филмови тоа е Роки – можеби незаменливото гориво за одлуките кои ни го менуваат животот. Но, да видиме зошто го сакаме Роки?
Неговата приказна
Во првиот филм, Роки е никој и нема ништо. Убедлив пример за тоа дека во Филаделфија и не е секогаш сончево. Живее во својот полураспаднат стан, повремено боксува, но тоа не му носи ниту пари ниту слава. Идеален лик со кој публиката може да се идентификува и од првата сцена навиваме за него.
Неговите успеси до крајот од филмот нè тераат да се замислиме и да се запрашаме какви одлуки носиме во животот. Филмот нè убедува во тоа дека универзумот и не е така неблагодарно и индиферентно место и дека желбите сепак се исполнуваат.
Да расчистиме – пораките во филмот и понатаму остануваат филмски и се далеку од реални, но начинот на кој се пренесени е реален.
Жена
Адриан ја запознаваме уште во првиот дел и од самиот почеток е јасно дека е тоа љубов на прв поглед, барем од негова страна. Нормално, тој го прави првиот чекор и успева.
Оваа жена во сите продолженија е неговата најголема поддршка и е полна со разбирање. Секогаш е тука за него и знае да ја каже вистинската работа во вистинско време. Самата помисла дека ваква жена навистина постои е инспиративна сама по себе!
Филмски монтажи
Во овој филм едноставно не се може без монтажи. Така, доаѓаме до клучниот "make or break" момент каде што единствено што останува е низ внимателно одбрани, монтирани сцени да се дојде од тотален губитник до победник. Инстант инспиација!
Добра музика
Нема добра монтажа без добра музика. Почнувајќи од “Eye of the tiger” сè до “Hearts on fire”, едноставно ниту еден добар филм не може да пројде без добар саундтрак. Музиката во Роки се движи од крајно патетична до максимално инспиративна. Слушнете некоја трака од овој филм и ете сте во мислите како трчате... на планина, боси, на снег!
Животни лекции
Во овој филм може да се најдат и голем број цитати, вредни за паметење. Се зборува за работи како успехот, глад за победа, мотивација, обвинување на другите за сопствените грешки и слично. Тоа резултира со желба за тоа штом ќе заврши филмот, веднаш да почнете да се самоанализирате и да посакате да направите подобар човек од себе. Веројатно, најдобар таков мотивациски говор е оној каде тој му држи лекција на својот син.
Упорен е
Лесно е да се биде успешен кога сè ти е обезбедено и ти оди од рака. Уште полесно е да се откажеш од некого или нешто кога работите не се баш сјајни. Роки нè учи дека не треба да се откажуваме од луѓето, од желбите и соништата кога е тешко, туку да ги надминеме тешкотиите и да се издигнеме во подобри луѓе.
Роки не е совршен
Не е баш паметен. Дозволува да му удри славата во глава, но на крајот сепак се созема и ја поправа ситуацијата и така наоѓа сила за понатаму. Роки не е совршен, но подготвен е тоа да го прифати и да се извини и промени кога ќе сфати дека згрешил, а тоа е карактеристика само на големите! А сите сакаме да сме такви.
Не се плаши да сака
Роки нема проблеми со искажување емоции. Скоро во секој јавен настап ја поздравува својата сакана. Тој е истовремено и грижлив татко.. освен еднаш кога го запостави својот син, но на време се поправи.
Тој победува
Можеби очигледно и невредно за споменување, но Роки го сакаме зашто тој победува. Идеалниот микс на музика и ударите кои ги добива во пресудните мечови, пред да исплива како победник, едноставно ги погодува сите нерви и кај секој буди искра ентузијазам и потреба за победа.
...но не секогаш!
Нормално, и покрај сиот труд и тој понекогаш губи. Губењето е составен дел на животот а, кога ќе научиме чесно да губиме – ние сме се победиле самите себе.
И што да кажеме за крај?
Роки ќе остане запаметен уште кај многу генерации кои доаѓаат. Секој од шесте продолженија покрива различен аспект на секојдневните ситуации со кои се соочуваме, а воедно нуди и разумен начин како да се носиме со нив.
Па кога ви е тешко запрашајте се: Што би сторил сега Роки?