„Бев на Златна бубамара на популарноста 2023, по долги години првпат без Сашко Коцев - како си поминав?“
Награда за животно дело доби и Блага Петреска, која иако е во осмата деценија од животот, беше најелегантната дама на сцената и блесна во црна креација со холивудски гламур.
Пееше во дует со Ефто и во придружба на хорот „Мирче Ацев“. Едноставно, незаборавно доживување.
Потоа, душата ни ја помилува Андријана Јаневска со неверојатна вокална изведба, Игор Џамбазов со рецитирање, Наум Петрески со „Земјо македонска“, а најмногу од сè ни побуди емоции наградата за медицинскиот тим кој во ноември 2022 ја изведе првата трансплантација на црн дроб во Македонија и тимот кој скромно кажа дека хероите не се тие, туку дека херојот е 60-годишниот пациент Драган, кој се чувствува одлично по операцијата.
За најпопуларен писател беше прогласен Венко Андоновски со неговата „Папокот на светлината“, кој ни раскажа како никој не ја купувал неговата прва книга во писателската кариера, па тој откупил свои 100 книги, па таа била прогласена за најпродавана книга на седмицата и како потоа се распродал целиот тираж. Нагласи дека и во писателството е потребен маркетинг.
За најпопуларна балетска претстава за 2022 беше прогласена „Госпоѓиците од Авињон“, театарска претстава „Илуминати“, а за најдобар концерт наградата ја земаа групата „Меморија“, кои уште еднаш со својата изведба на „Оган под ѕвездите“ доведоа до кулминативна точка на вечерта.
На сцената ја видовме и Марија Васиќ, Мис на Македонија од 2003 година, за која Игор откри дека работи како анестезиолог, потоа Ирена Спировска и низа други познати личности во улога на доделувачи на награди.
Наградата за животно дело ја добија браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски, кои напишаа некои од најубавите песни во антологијата на македонската народна музика.
Од регионалните ѕвезди награди добија Мирослав Илиќ и Џибони.
И оттаму си отидов со душа полна емоции и тивка желба Македонија да има уште многу вакви манифестации затоа што навистина заслужуваме да се израдуваме и посмееме во време кога проблемите од секојдневието натежнуваат над нас.
А и македонските музичари, писатели, спортисти и секаков тип на уметници заслужуваат да го добијат тоа „браво“, кое изгледа малку, но за нив инспирација значи.
За уште многу Златни бубамари на популарноста...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
Фото: Александар Ристовски