„Бев на Златна бубамара на популарноста 2023, по долги години првпат без Сашко Коцев - како си поминав?“
И имам многу што да споделам, но морам да ги нагласам моментите кои мене ме трогнаа.
Песната која Игор Џамбазов ја изведе во чест на Горан Пандев, посветена на сите негови спортски успеси и на тоа каква гордост е тој за Македонија.
Кога Горан излезе на сцената имаше стоечки овации и буквално вресоци, а тој се пошегува: „По 8 месеци во пензија ме фати трема пред олку голема публика“.
Дуото ДНК, се шегуваа дека не добија награда за најдобар концерт, по спектаклот кој во 2022 го приредија во Борис Трајковски, но добија награда за најпопуларна група и рекоа дека се задоволни од признанието, но и од сета љубов.
Се разбира, беше на шега споменато дека останале ниско на земја и приземјени, мислејќи на нивната висина.
За најпозната труба беше прогласен Џамбо Агушев, кој реди светски успеси, и заедно со ДНК ја изведоа химната на животот „Ако утре ме нема“ и буквално грмеше целата сала.
Истото се случи и при подигнувањето на наградата најпопуларен албум која ја доби групата „Некст Тајм“ за нивниот албум „Мајка“.
Нивниот патриотски говор за тоа како за нив Македонија е втора мајка и моќната музичка изведба, беше можеби најпатриотскиот миг од целата вечер.
Паднаа и шеги на нивна сметка дека од нив не се очекува ништо друго освен да одржат концерт во сала која го носи името „Јане Сандански“, како и што направија во 2022, а и дека Тино не отишол на нивниот концерт затоа што немал коњ.
Тино и Атанас проговорија и за театарот, и беа доделени низа театарски награди, но најголем фокус беше ставен на лошата состојба на театрите низ Македонија, па шеговито споделија дека во Тетар Комедија има лебарки, стаорци и низа други животни, додека пак во МНТ повеќе има водени животни, затоа што театарот неретко се поплавувал и атмосферата била како во Вардар.
Сашко Коцев не го видовме и беше споменат само еднаш од Тино и Атанас, токму кога се говореше за поплавениот МНТ, па изјавија: „Гледате оддалеку доаѓа ајкула... Не, не е ајкула, тоа е Сашко Коцев, плива грбно, се загрева пред работа и перката му е навистина голема.“
Хит изјава од овој дел беше и дека Игор Џамбазов почнал да живее во вода, наместо на планина затоа што знае дека „Има и други риби во морето“.
Награда за трајни музички вредности доби Јаков Дренковски, а за мене најемотивен миг беше кога Ефто Пупиноски доби награда за животно дело.
Со звуците на „Туѓа си бескрајно“ дојде на сцената, а со изведбата на „Лихнида кајче веслаше“ ги трогна сите, целата публика пееше во еден глас со него. Се пошегува: „Може ми дошол крајот, а не знам, штом ја добив наградава“ и порача „Да живее македонската песна“.