Надир од Тетово учествуваше во спасувачките акции во Турција: „Извлековме 11-годишно девојче 7 дена по земјотресот, тлото не престануваше да се тресе“
- Детали
- четврток, 02 март 2023
„Побарав да се приклучам на неколку групи, но не успеав поради процедури и на крај сам тргнав за Турција. Учествував во спасувањето на 11-годишно девојче“ – раскажува за CRNOBELO.com Надир Мурсели, алпинист од Тетово кој досега учествувал во голем број спасувачки акции, а беше и во Турција по катастрофалните земјотреси што го зафатија југот на земјата.
Надир Мурсели (46) од Тетово е член на Планинарскиот Клуб „Љуботен“ од 1990-та година, а со алпинизам започнал да се занимава во 1995 година.
Тој учествувал во голем број спасувачки акции, а неодамна беше меѓу хуманите Македонци кои им се приклучија на спасувачките тимови во Турција и помогнаа во извлекувањето на преживеаните по катастрофалните земјотреси што го зафатија јужниот дел од земјата.
Во изјава за CRNOBELO.com, Надир раскажува дека првично се обидел да се приклучи на спасувачките тимови што тргнаа официјално од Македонија, но не успеал заради процедурите.
Тој одлучил сам да тргне за Турција со голема поддршка од роднини и пријатели, каде се приклучил и соработувал со спасувачките тимови од Република Српска.
Надир учествувал во спасувањето на 11-годишното девојче Ирман, кое 7 дена по земјотресот беше извлечено од под урнатините на станбена зграда во градот Кахранманмараш.
Заедно со тимот спасувачи од Република Српска, Надир помогнал да се спаси овој детски живот.
На прашањето дали бил психички подготвен за она што го видел во Турција по катастрофалните земјотреси, Надир во изјава за CRNOBELO.com вели:
„Алпинистите што одат на спасување и го одбрале спасувањето - спремни се секогаш психофизички, но морам да напоменам дека сме од крв и месо и емоции и свесни сме дека сликите од тоа што сме го виделе ќе останат секогаш во нас.
Последици од виденото немам, цврсто бев решен и спремен да отидам да помогнам затоа што знам дека го можам тоа. Јас сум фокусиран само на спасувањето, се исклучувам и само еден момент важи за мене тогаш, а тоа е спасување.“
Надир раскажува дека тлото во Турција не се смирувало и во деновите по силните земјотреси, додека траеле спасувачките акции.
„Секоја вечер, затоа што спиевме во шатор, чувствувавме земјотреси со јачина од 4.7 и 4.9 степени според Рихтерова скала.
Ние претежно работевме со тимот на АФАД Турска агенција за катастрофи и вонредни ситуации.
Јас се прилагодував со тимот на Република Српска, а во ваквите акции тимската работа е многу важна. Во вакви ситуации многу е важна и безбедноста на тимот, постојат правила до коишто моравме да се придржуваме“ – вели тој.
Надир за CRNOBELO.com сподели и повеќе фотографии од спасувачките акции во Турција, на кои може да се видат урнатините, кучињата што учествуваа во потрагата по преживеани, но и како изгледало спасувањето на малата Ирман чијашто приказна беше пренесена во голем број од медиумите.
Погледнете дел од нив:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело