Филип од Велес помага на дечиња во Африка - дочекан со македонско знаме, спие во шатор среде „џунгла“ (фото)
- Детали
- петок, 10 февруари 2023
„Ова се дел од децата во училиштето тука во „џунглата“, во Њабулико, Уганда. Кога првпат стапнав овде, во 2012-та, ова беше празна земја, немаше ништо. Јас бев првиот белец што зачекорил во овие краишта, па децата се плашеа и да се поздрават со мене. Денес? Ме обожаваат и го веат македонското знаме со поголема почит од некои Македонци“, вели Филип Иванов од Велес.
Фото: Фејсбук Филип Иванов
Филип Иванов од Велес е пастор во Евангелска Црква во Велес, кој сега е на мисија во Африка, нешто кое традиционално го прави повеќе од една деценија.
Моментално престојува во Уганда. А таму? Таму е дочекан како вистински херој, со многу насмеани детски лица, радост, убава енергија, македонско знаме кое гордо се вее, почит и радост.
Филип има богослужби таму, минува време со децата од сиропиталиштето и училиштето во местото Кагома, а сега е на кампување во шатор накај „џунглата“ во местото Њабулико, како што вели самиот.
При тргнувањето Филип сподели: „Таму нè чека црквата и триста и кусур дечиња од училиштето што се изгради и го поддржуваме безмалку единаесет години, откако првпат стапнав таму...“
Потоа, откако стигна на посакуваната дестинација Филип сподели дека шаторот е поставен, односно се пошегува: „Амбасадата на Република Македонија поставена во Њабулико, Уганда“.
Филип споделува како изгледа неговиот престој таму:
„Овде во Африка, луѓе пред да заклучат дали си Божји човек или не, сакаат да знаат дали си лигав м'зунгу (белец), односно, по велешки, дали си лит маж. Дали се плашиш да спиеш каде што спијат тие, дали се плашиш да јадеш тоа што јадат тие, дали ќе патуваш како што патуваат тие, дали ќе се гнасиш од нив, дали ќе се поставиш надмено кон нив итн.
Со други зборови, прашањето е дали си верски турист кој дошол за егзотично религиозно искуство или пак си Божји човек кој дошол да заедничари со нив и да ги сподели своите опит и дарови од Христос Господ.
Затоа за мене најголема пофалба во изминативе десет и нешто години останува да биде тоа кога ќе ми речат дека не сум како другите м'зунгу. Тоа што одлучуваме да спиеме во шатори тука помеѓу нив дотолку ги убедува во тоа нешто.
Кампот поставен во „џунглата“ и почнува богослужење тука.“
Филип сподели и како изгледал пречекот од дечињата таму, со веење на македонското знаме:
„Е, ова е пречек!
Ова се дел од децата во училиштето тука во „џунглата“, во Њабулико. Училиштето обезбедува образование за повеќе од тристотини дечиња, кои поинаку не би имале пристап до тоа.
Кога првпат стапнав овде, во 2012-та, ова беше празна земја, немаше ништо. Се доаѓаше само со мотоцикл, толку беше широк патот. Јас бев првиот белец што зачекорил во овие краишта, па децата се плашеа и да се поздрават со мене.
Сега, благодарение на Бога и дарежливоста на Неговиот народ, има црква, девет училници, тоалети и неколку помошни објекти. Купивме и резервоар за вода, да не треба да пешачат по неколку километри да наполнат вода.