„Бев на концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra во Филхармонија - таква страст на сцена немав почувствувано одамна“
- Детали
- понеделник, 12 декември 2022
„Буквално почувствував како музиката тече низ нечии вени. Таква страст одамна немав видено, секоја нота, секој потег, секоја насмевка беа на место, а публиката во преполната сала само се обидуваше да впие барем дел од енергијата кои овие врвни музичари ја носеа. Се танцуваше, се ракоплескаше до болка во дланките, а овој балкански бенд нè почести со поздрав на македонски јазик, но и изведба на нашите „Море сокол пие“, „Македонско девојче“ и „Јовано, Јованке“...“
Вчеравечер (11.12) Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO), бендот кој важи за еден од најпознатите во традиционалната музичка интерпретација, во Македонската Филхармонија го имаше првиот солистички концерт во Македонија, а по возвратената љубов од публиката – верувам дека нема да биде последен.
По повод 10 години постоење на формацијата, 7 врвни музичари ни покажаа како музиката се живее на сцената.
Таква страст одамна немав видено, секоја нота, секој потег, секоја насмевка беа на место, а публиката во преполната сала само се обидуваше да впие барем дел од енергијата која овие врвни музичари ја носеа во себе.
Ангелскиот глас на неверојатната Маргерита Абита од Сицилија беше нешто надреално, фацијалната експресија и моќноста на појавата на Иван Ковачевиќ, кој свири контрабас, единствениот член на составот кој потекнува од соседството, односно од Србија, беше незаборавна, а тоа што Маргерита се потрудила да научи неколку реченици на македонски јазик за да ѝ се обрати на публиката на мајчиниот јазик, говори за тоа за какви професионалци станува збор.
Некои од присутните во публиката не можеа да се воздржат и уште на првите ноти станаа и заиграа, но веќе кон крајот кога најавија румба тогаш цела сала беше станата на нозе и од срце ракоплескаше и танцуваше.
Се пееше во еден глас со нив, несвесно се мамеа насмевки, а нивното позитивно „лудило“ на сцената беше заразно за секој еден од публиката.
Меѓу присутните во салата беа и ракометарот Кирил Лазаров, пејачката и водителка Бојана Скендеровски, но и низа други вљубеници во ликот и делото на членовите од овој бенд.
Barcelona Gipsy balKan Orchestra ни презентираа дел од нивните најдобри аранжмани, каде што секој инструмент имаше свое место и простор, па така во полн сјај ги видовме и Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон (кларинет, Шпанија), Пере Ноласк Туру Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија).
Иван Ковачевиќ ни откри дека при секој настап низ земјите низ светот омилено им е запознавањето и дружбата со локалните уметници, па така овојпат на сцената поканија уметник од Македонија, односно талентираниот музичар Алекс Петровски.
Тие ја споменаа и нашата легендарна Есма Реџепова и по повод навршувањето на 6 години од нејзината смрт, токму на вчерашниот датум, изведоа композиција од неа во нејзина чест.
Ни ги помилуваа душите и со „Море сокол пие“, а неверојатната Маргерита ги отпеа и „Македонско девојче“ и „Јовано, Јованке“.
„Македонско девојче“ беше сочувана за враќањето на бис и за комплетна кулминација на атмосферата.
Не можев, а да не забележам една девојка од публиката која упорно доаѓаше до сцената, изгледа посилна беше од неа страста која ја чувствуваше за овој бенд. Очигледно таа е една од нивните најголеми фанови во Македонија.
Таа танцуваше во ритам со Маргерита Абита, чиј ангелски глас, но и начинот на кој со танц и погледи правеше синергија меѓу членовите од бендот, нема да ги заборавам.
Има и зошто Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) ги претставуваат како формацијата која го полуде светот.
Со последните атоми сила во нив по завршувањето на концертот, тие се дружеа со фановите во холот на Македонската Филхармонија и делеа и потпишуваа свои плочи.
Нивната порака дека музиката нема граници, ниту химни, одлично ја пренесоа. Досега имаат настапувано во повеќе од 35 земји, а јас им посакувам настап во секоја една земја од светот, затоа што светот заслужува да види како музиката тече низ нечии вени. Низ вените на апсолутно секој музичар од оваа спектакуларна формација.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело