Снежана Сани Богдановска со потег за пофалба: „Гордо ја носам природно седата коса во шестата деценија од животот“
- Детали
- четврток, 10 ноември 2022
Снежана Богдановска Сани, модел и моден новинар, за CRNOBELO.com вели: „Многу сум задоволна и среќна од мојата сегашна состојба и гордо седата коса ја нагласувам како мој адут во шестата деценија...“
Снежана Богдановска Сани е наш долгогодишен модел, моден новинар и препознатливо лице од ТВ екраните, но и дама со впечатлив моден стил која ја гледаме децении наназад на сите модни настани кои се одржуваат во нашата земја.
Таа и во шестата деценија од животот изгледа фит и негувано и многумина ја споредуваат со мајката на Илон Маск, моделот Маје Маск (74).
Снежана е инспиративна затоа што не ги крие своите години, верува дека жената е убава во секоја доба од животот и во овој период од животот таа со гордост ја носи својата природно седа коса.
Не сака да ја бојадисува и промовира љубов и прифаќање на природната боја на коса, нешто што на светско ниво го прават Сара Џесика Паркер, партнерката на Кијану Ривс и низа други славни дами.
За CRNOBELO.com Сани на оваа тема вели:
„Факт е дека животот е константна промена. Веројатно во тоа е и убавината на изодување на животниот пат. Физичките мени се најочигледен пример за тоа.
Па, иако е тој процес неблагодарно наречен стареење и поради тоа сфатен како деградација, тоа е сепак созревање и ментално и физички. Па, едноставно природно и спонтано ќе си ги прифатите промените како ваш сопствен идентитет.
Уште неколку години пред да стане сегашен тренд, инстинктивно посакав да си ја негувам својата природна боја на коса која веќе беше во голем процент проседена со оглед на фактот што процесот почна уште на 25 години.
За моја среќа пак престанокот на бојадисувањето во блондинка и растењето на природниот пигмент не беше драстичен и воопшто не се примети разликата на новоизрастената природно седа коса.
Многу сум задоволна и среќна од мојата сегашна состојба и гордо го нагласувам како мој адут во шестата деценија, со надеж дека многу жени ќе се поистоветат во ставот дека не треба да се срамиме, туку да се гордееме со својата возраст.“