„Сара Џесика Паркер ги лути сите - ја критикуваат дека има голем нос, збрчкани раце, но мене ми е идол“
- Детали
- среда, 02 ноември 2022
„Знам дека стареам, што да направам, да престанам да старем, да исчезнам? Можеби можам да направам повеќе за да изгледам подобро, но не сакам, се чувствувам убаво затоа што сум тоа што сум“ е една од моите омилени изјави на Сара Џесика Паркер. Таа за мене е синоним за прекрасна и успешна жена.
Сара Џесика Паркер често е мета на критики за многу работи околу изгледот, а во 2007 година ја доби дури и титулата „најнеатрактивна жена на светот“.
Но, тогаш таа даде изјава со која го потврди статусот на една од моите омилени ѕвезди, а верувам и на многу други луѓе.
„Само затоа што не исполнувам нечии туѓи идеали не значи дека сум грда. Го сакам мојот избор да бидам тоа што сум“.
Даде толку достоинствен одговор, кој многумина, меѓу кои и јас, го помниме до ден денешен.
Таа знае да се справи одлично со негативата која доаѓа на нејзина сметка и самоуверено си се движи кон своите цели, без да се заморува со туѓите коментари.
За што сè Сара Џесика Паркер била мета на критики досега?
За „огромниот“ нос
Иако ја ставаат на листите на ѕвезди со најголеми носеви во Холивуд, таа никогаш не направи пластична операција и порача зошто да би менувала нешто по кое е препознатлива и уникатна?
За „збрчканите“ раце
Фотографите често ѝ ги сликаат одблизу рацете и ѝ ги нарекуваат стари и збрчкани, а таа едноставно смета дека нема ништо погрешно што рацете ја прикажуваат нејзината возраст и таа вели: „Јас ги сакам своите раце“.
За седата коса и брчките
Сара Џесика Паркер не се срами да прошета без грам шминка и со седа неуредна коса прибрана во опавче, иако знае дека наредниот ден ќе биде на тапет на медиумите.
Таа дури вели: „Не викајте ме храбра затоа што имам седа коса, аплаудирајте му на некој друг што покажува вистинска храброст за нешто.“
А на тема брчките таа прашува: „Знам дека стареам, што да направам, да престанам да старем, да исчезнам? Можеби можам да направам повеќе за да изгледам подобро, но не сакам, се чувствувам убаво затоа што сум тоа што сум“.
За „чудните“ модни комбинации
Ја носи титулата на модна икона, но и неретко добива сурови коментари за некои од нејзините специфични стајлинзи, а таа вели: „Ако ми се допаднал аутфитот, го носам, работите се само работи и можно е на некои луѓе тоа да не им изгледа прекрасно. И во право се.“
Но, многумина препознаваат дека таа е прекрасна
Таа е лице на многу познати модни брендови, на брендови за чевли и парфеми и е на листите на највлијателни личности во светот. Има среќен брак и 3 деца.
Дефинитивно е синоним за успех и вистински доказ дека ниту големиот нос, ниту седата коса, ниту која било несовршеност не може да нè спречи да живееме исполнет живот полн љубов.
С. С. | Црнобело