Шекил О Нил доби рачно изработени патики од македонски дизајнер: „Ова е вистинска уметност“
- Детали
- петок, 28 октомври 2022
„Голем поздрав од Атланта до Македонија и Сатја Грабулоски. Неговата компанија е единствената во светот што изработува уникатни обувки“ – со овие зборови водителите на најпознатото шоу за кошарка во САД почнаа да говорат за уникатниот подарок што го добија од македонскиот дизајнер.
Видеото и фотографиите во кои Шекил О Нил ги држи рачно изработените патики од нашиот Сатја Грабуловски го обиколија целиот свет.
Македонскиот дизајнер кој стои зад брендот SWithADot изработи патики на кои се ликовите на четворицата водители на најпопуларната емисија за кошарка во САД, Inside the NBA.
Ерни Џонсон и легендарните кошаркари Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит во емисијата ги покажаа патиките со нивните ликови и се заблагодарија за оригиналниот подарок.
„Голем поздрав од Атланта до Македонија и Сатја Грабулоски. Неговата компанија SWithADot, е единствената во светот што изработува уникатни обувки, еве може да ги видиме овие за филмот Space Jam. Тој изработи патики и за Кристијано Роналдо. И знаете што? Сатја направи еден пар и за нас, наречени Inside the NBA’s“, рече водителот Ерни Џонсон.
Погледнете го видеото од емисијата:
Прочитајте и Дизајнирани патики од вештите раце на Македонец станаа светски хит - ги носат и НБА играчите (фото)
Со оглед на тоа што се уникатни патики, водителот најави дека тие ќе бидат дел од декорот во студиото иако кошаркарите велат дека би сакале да ги носат.
За изработка на овие патики биле потребни 155 часа.
Инаку, на патиките се доловени некои од помалку славните мигови од јавните настапи на четворицата водители, па така ликот на Шекил е инспириран од емисијата во која јадеше чипс со најлуто чили, за Баркли е избран моментот кога заспа на преносот во живо, Смит е нацртан со перика која ја носеше во една од емисиите, а за ликот на Ерни е користена слика од доделувањето на ЕМИ наградите, каде што ја освои статуетката за најдобра спортска емисија.
Освен што беа презентирани во емисијата во живо, на Инстаграм профилот на брендот SWithADot се објавени повеќе фотографии од рачно изработените патики, а до нив стои написот:
„Кога ги изработивме овие патики пред две години сакавме да му оддадеме почит на најдобриот кошаркарски и спортски коментатор на сите времиња и истовремено да му укажеме почит на шоуто што сите го гледавме додека растевме.
Бевме почестени кога Ерни го прифати подарокот и му се допадна приказната во дизајнот, но она што се случи вчера навистина нѐ шокира. Беше чест да се биде дел од најдоброто шоу за кошарка во светот.“
Погледнете повеќе фотографии од патиките во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело