Девојка од Скопје: „Имам 34 години, имав потреба од плус финансии и мијам садови во кафеана - од работа нема срамота“
- Детали
- петок, 26 август 2022
Кога сите би биле вака храбри и искрени, Македонија би била подобро место за живот, зарем не? Објавата на Соња Николовска од Скопје на Инстаграм, која има работено и во администрација и во осигурување, има моќна порака: „Летово одлучив дека имам потреба од плус финансии, имам 34 години, се осудив да живеам сама, и не се дрзнувам да побарам пари од моите родители... И не, не се срамам од тоа што го работам.“
Соња Николовска од Скопје, која зад себе има низа работни искуства од администрација до осигурување, моментално за приход плус работи во една скопска кафеана како садомијач и нејзината објава на Инстаграм поттикна лавина од позитивни реакции поради моќната порака дека од работа нема срамота и дека животот не е тоа што го гледаме на Инстаграм.
Нејзината објава:
„Не е живот Инстаграм, кажав неколкупати и еве пак ќе повторам!
Некој период последователно објавувам слики од кафеани и останати локали, од утро, па сè до вечер… Но, ништо не е случајно, ги редам и чекам, „не си прибрана”, „колку плата земаш секој ден да си по кафеаните”, „на висока нога, браво браво”, „дојде живот”…
Летово одлучив дека имам потреба од плус финансии, имам 34 години, се осудив да живеам сама, и не се дрзнувам да побарам пари од моите родители.
Одлучив да додека барам работа, преземам нешто и покрај работата која ја работам од дома, па се обратив на огласот на една кафеана и им реков „ОД РАБОТА НЕМА СРАМОТА“ ај да подработам нешто, да замијам по кујна и тоа и го правам…
Но, „на слика сите се среќни”, а ваше е да смислувате приказни и измислувате муабети…
Другари, како што кажав, сликата што ја прикажав, напиша приказна на која не ѝ ја знаете позадината, но сепак се дрзнувате да коментирате, осудувате и без грам срам зборувате сè и сешто.
Од една фотографија правите филм, својот двор не го метете, на комшијата го гледате. Свои сметки плаќате, туѓ живот живеете. Што ми е муабетот?
Секојдневно социјалните медиуми нè доведуваат до момент да завидуваме на лажни животи, на несреќни среќници, на вештачки насмевки и нереални успеси.
Се стремиме да бидеме како некој, кој всушност не е вистински. Идол ни е некој кој го познаваме од социјални мрежи, а не знаеме зад камерата каков е.
Сè додека заработуваш чесно, можеш на што сакаш да ги трошиш своите пари, можеш како сакаш да живееш, без да даваш извештај на никого! Ниту една работа не е срамота да ја работиш ако работиш чесно!
Затоа, до каде ви е чергата, до таму нозете, и секако, до каде ти е устата, до таму стави си го карминот. Сега, терајте магарето и поминете до кафеана на некое винце, побарајте ме ќе направиме живели.
Вистински живот vs. Инстаграм“
С. С. | Црнобело